3 мај, 2024
ПочетнаКУЛТУРАБокова – Канчевска Милевска: Македонија со голем број на иницијативи и проекти...

Бокова – Канчевска Милевска: Македонија со голем број на иницијативи и проекти во соработка со УНЕСКО

kanceska bokova

Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска, во рамките на работната посета на Париз во петокот оствари средба со генералниот директор на УНЕСКО Ирина Бокова, на која стана збор за досегашната соработка и идните активности меѓу Македонија и оваа еминентна организација на Обединетите нации.

На средбата беше подвлечен партнерскиот однос што Македонија го негува со УНЕСКО и кој се одликува со поддршка на многубројни иницијативи и реализација на голем број проекти во областа на културата, заштитата на културното наследство, образованието, науката, информатичкото општество и животната средина.

Канческа-Милевска го изрази своето задоволство што во изминатиот период на Репрезентативната листа на УНЕСКО за нематеријално културно  наследство беа впишани две културни добра од Македонија: обичајот Четрсе – Празнување на светите четириесет маченици и машкото соборно оро „Копачката“. Таа го изрази своето уверување дека во декември годинава, на претстојниот состанок во Намибија, на оваа листа на заштитени добра ќе се најде и машкото двогласно пеење „Гласоечко“, како и мултинационалната апликација  „Мартинки“ во која заедно партиципираат Бугарија, Романија, Молдавија и Македонија.

Канческа-Милевска информираше и за останатите активности што Република Македонија ги реализира со другите членки на УНЕСКО, меѓу кои е и експертската обука од областа на нематеријалното културно наследство која следната година, во соработка со Регионалниот центар за нематеријално културно наследство во Софија, ќе се одржи во нашата земја, како и транснационалниот проект „МИРО“, кој се однесува на подобрување и разубавување на територијата по должината на Виа Апиа–Игнација. Канческа-Милевска го изрази своето задоволство што Република Македонија, Бугарија, Полска и Руската Федерација во 2016 година со заеднички активности ќе го одбележат јубилејот 1100 години од упокојувањето на сесловенскиот просветител свети Климент Охридски и притоа изрази надеж дека овој значаен јубилеј ќе се одвива под покровителство на УНЕСКО.

Министерката за култура и генералниот директор на УНЕСКО ги разменија своите размислувања и околу претстојната Четврта светска конференција за меѓурелигиски и меѓуцивилизациски дијалог која треба да се реализира наредната година во Република Македонија. Верската конференција, која ја промовираше Република Македонија како лидер на платформата за меѓурелигиски дијалог, соживот и толеранција, досега се реализираше под покровителство на УНЕСКО и во оваа смисла, беа истакнати заедничките заложби за продолжување на оваа традиционална конференција со логистичка и финансиска поддршка од УНЕСКО.

На средбата Канческа-Милеска потенцираше дека Република Македонија веќе долго време успешно и ефективно е вклучена во големите европски и меѓународни проекти за партиципација на населението во образованието како дел од Милениумските цели на ОН. Таа нагласи дека како држава, континуирано настојуваме да овозможиме подобрување на квалитетот на образованието, вреднување и воведување на соодветни образовни политики и нормативна легислатива  како и формулирање на стратегии и програми во рамките на долгорочната програма на УНЕСКО „Образование за сите” и доживотно учење. На крајот од средбата, министерката за култура изрази задоволство што Република Македонија во изминатите четири години беше членка во Извршниот одбор на УНЕСКО и потенцираше дека земјата ќе продолжи да се залагаме за зајакнување на меѓународната улога на УНЕСКО, унапредување на традиционалната соработка со сите држави-членки, ефикасност во работата и стимулирање на интелектуалниот и на материјалниот потенцијал со кој располага  оваа организација.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП