26 април, 2024
ПочетнаКУЛТУРАМакедонското културно наследство претставено во рамки на музејот Лувр

Македонското културно наследство претставено во рамки на музејот Лувр

luvr kance

Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска, во рамките на престојот во Република Франција, го посети и македонскиот штанд на Меѓународниот саем за културно наследство, кој од 5-ти до 8-ти ноември се одржува во престижниот изложбен простор Карусел во рамките на  музејот Лувр во Париз.

Република Македонија за првпат се претставува на овој исклучително значаен саем, кој ги обединува професионалците од областа на заштитата на материјалното и нематеријалното културно наследство од целиот свет.

Канческа-Милевска оствари и работна средба со раководството на саемот кој повеќе од дваесет години, во организација на „Ateliers d’Art de France“, познато здружение на француски занаетчии, го привлекува вниманието на експертската јавност од сферата на заштитата на културното наследство. На средбата беше договорено Република Македонија и наредната година да има своја презентација на овој еминентен саем посветен на културното наследство на земјите од сите континенти.

На македонскиот штанд, кој е во организација на Управата за заштита на културното наследство, се претставени голем број публикации, видеа и други видови промотивни материјали за богатата македонска култура, како и новите десет публикации за културното наследство на Република Македонија кои неодамна беа промовирани пред македонската јавност.

Кај посетителите, меѓу кои се и еминентни архитекти, историчари на уметноста, занаетчии и археолози, постои голем интерес за нашето културно наследство, а особено постои интерес за црквите од византискиот период, за ранохристијанските мозаици, за античките градови.

Годинава пред посетителите во музејот Лувр се презентираат културните добра на многу земји, меѓу кои и на: Кина, Јапонија, Германија, Русија, Италија, Шпанија, Белгија, а со свои штандови се присутни и многу реномирани организации, како ИКОМОС и УНЕСКО. Бројката од минатогодишното издание на саемот – 350 излагачи од целиот свет и над 25.000 експерти од областа на заштитата на културното наследство, историчари на уметноста, археолози, занаетчии и архитекти – јасно го потврдува значењето на оваа светска саемска манифестација.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП