7 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАХолистички пристап за инклузија на децата со попреченост

Холистички пристап за инклузија на децата со попреченост

decata-poprecenost

На Националната консултација за децата со попреченост, владините партнери, организациите на лицата со попреченост, родителите и практичарите се согласија околу приоритетите за подобра меѓусекторска соработка за вклучување на децата со попреченост.

Националната консултација се водеше според наодите и препораките од големата студија подготвена од УНИЦЕФ со наслов „Процена на капацитетите на службите во здравствениот, образовниот и социјалниот сектор за инклузија на децата со попреченост“, како начин за напредок на земјата при вклучувањето на децата со попреченост.

„Како и сите деца, и децата со попреченост имаат многу способности, но често се исклучени од општеството како резултат на дискриминација и недостиг на поддршка“, рече д-р Бертран Демулен, претставникот на УНИЦЕФ.

„Во тек се важни напори во секторите за подобрување на состојбата на децата со попреченост. Сепак, одржливи резултати ќе се постигнат само ако се придвижиме од изолирани интервенции кон нова меѓусекторска агенда за акција, врз основа на заедничка визија со која ќе се обезбеди децата со попреченост да го заземат вистинското место во општеството“, додаде д-р Демулен.

Учесниците се согласија дека еден од клучните приоритети е да се вклучат сите сектори во спроведување на холистичкиот пристап кој се фокусира врз детето. За ова да се постигне, од клучно значење е да се изградат капацитетите на практичарите на примарно ниво на услуги, вклучувајќи ги општите лекари, патронажните сестри, воспитувачите во градинките и училишните наставници, социјалните работници и давателите на услуги во заедницата, како и да се вклучат граѓанскиот сектор и родителите.

Препорачаа мапирање на расположивите ресурси и вмрежување на ниво на заедницата, за да се обезбеди поддршка на децата во нивната природна средина каде што живеат, учат, и се активни со врсниците, во семејството, заедницата, редовните градинки и училишта. Приоритетите опфаќаат рано идентификување и интервенција поврзани со образованието во раното детство за да се обезбеди континуитет во поддршката од рана возраст и во текот на зрелоста.

„Оваа средба покажа дека постои силна подготвеност за соработка на национално и локално ниво, со активно вклучување на родителите и организациите на лицата со попреченост“, рече Ража Мсефер Берада, заменик претставник на УНИЦЕФ.

Како што истакна, „Ова не е крај на процесот. Препораките од овој национален консултативен настан ќе обезбедат информации за поддршката на УНИЦЕФ за инклузија на децата со попреченост, како дел од новата програма за петгодишниот циклус на соработка кој започнува следната година.“

Студијата „Процена на капацитетите на службите во здравствениот, образовниот и социјалниот сектор за вклучување на децата со попреченост“ ја спроведоа двајца меѓународни консултанти, Џудит Холенвегер, професорка на Универзитетот за образование на наставници во Цирих, Швајцарија, и Андреа Мартинуци, од „Е. Медеја“, Научен институт при Центарот за истражувања во Конељано, Италија.

Во неа се повикува на забрзани и фокусирани напори за спроведување на законите во пракса, подобрување на собирањето и користењето податоци, професионализација на давателите на услуги, подобрување на постојните услуги, како и воведување на нови интервенции и јакнење на соработката меѓу институциите и секторите за инклузија на децата со попреченост.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП