6 мај, 2024
ПочетнаКУЛТУРАПрво издание на манифестацијата „Креативни точки“ во Лешочкиот манастир

Прво издание на манифестацијата „Креативни точки“ во Лешочкиот манастир

kreativni-tochki

Манифестацијата „Креативни точки“, во организација на Центарот за култура и културолошки студии (ЦККС) од Скопје и Женскиот хор „Менада“ од Тетово, за првпат ќе се одржи во петок вечер во Духовно-културниот центар „Кирил Пејчиновиќ-Тетоец“, Лешочки манастир.

Учесници на годинешнава литературно-музичка манифестација се Женскиот хор „Менада“, авторите Оливера Ќорвезировска, Иван Антовски, Јулијана Величковска, Ана Голејшка, Живко Гроздановски, Ѓоко Здравески, Милена Илиевска, Јован Илиески, Томислав Каранфиловски, Ѓорѓи Крстевски, Калина Малеска, Марта Маркоска, Перо Сарџоски, Иван Станојовски, Небојша Стојаноски, Биљана Стојановска, Давор Стојановски, Снежана Стојчевска, и солистите Богдана Бушевска, Теодора Ветероска, Стефан Волчевски, Елена Карапејовска, Ана Тимосиеска, Драгана Марковиќ и Марија Јовановска. Во рамките на програмата, покрај настапот на женскиот хор „Менада“ и солистите, ќе бидат претставени книжевните творби на учесниците (младите писатели и поети), а ќе се одржи и книжевна трибина.

Културната манифестација, која е дел од програмата „Културата како стил на живеење“на ЦККС, има за цел да го зголеми интересот на широката публика за творештвото на младите македонски уметници со посебен акцент на книжевното творештво. Воедно, „Креативни точки“ на креативен и практичен начин има тенденција да ги продлабочи и преиспита релациите меѓу уметностите, да придонесе за афирмација на младите автори во Македонија, за нивно пошироко промовирање и да поттикне поголема рецепција на книжевните и уметничките дела.

По повод првото издание на „Креативни точки“,претседателката на ЦККС, проф. Лорета Георгиевска-Јаковлева, изјави: „Констатацијата дека живееме во ерата на визуелното, придонесува за сѐ поголемо потиснување на невизуелните уметнички форми какви што се одредени видови на книжевност и музика. Поаѓајќи од уверувањето дека тие се важен дел на човековата креативност, место каде што се задоволуваат колку естетските толку и сознајните потреби на луѓето, сметаме дека тие се незаменлив дел од духовна изградба на луѓето. Уверени сме дека елементите кои го сочинуваат проектот „Креативни точки“ се актуелни и ќе придонесат за меѓусебно подобро запознавање на уметниците кои творат во различни форми на уметнички израз и експресија, инволвирање на широката публика во процесот на создавање уметнички вредности, надминување на класичните пристапи во презентација на уметноста и промовирање на интермедијалниот пристап во културата“.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП