Mинистерот за животна средина и просторно планирање Нурхан Изаири, во петок, во просториите на Градежниот факултет во Скопје, се обрати на конференцијата на тема „Состојбата со водостопанската инфраструктура“, на која акцентот беше ставен на браните, а беше разгледана и општата состојба на водoстопанската инфраструктура во Македонија.
„Моменталната сигурносна состојба на браните со придружните објекти е алармантна за четири брани (Слатино, Пишица, Глажња и Липково) и е критична за пет брани (Вратница, Отошница, Селемли, Петрашевец и Водоча) кои треба ургентно да бидат санирани. Од 43-те брани опфатени со теренски увид, девет брани или 21 % од постојните позначајни брани, се во незавидна сигурносна состојба, што е индиција дека е неопходна радикална промена на досегашниот концепт за постигнување на задоволителен квалитет на браните во Р. Македонија“, рече Изаири.
Според него, квалитетот на одржување на браните е незадоволителен, бидејќи 20 брани не се одржуваат на начин кој би бил очекуван за вакви стратешки објекти.
„Дури шест брани се буквално препуштени сами на себе, а шест брани се запуштени до ниво што ги прави ранливи со неприфатлив ризик за околината. Тоа ни беше првиот сигнал дека е потребно да се предложат активности во насока на подобрување на ефикасноста на работењето и функционирањето на водостопанските системи“, посочи Изаири.