4 мај, 2024
ПочетнаКУЛТУРАСе врши конзерваторска заштита на Стариот амам во Тетово

Се врши конзерваторска заштита на Стариот амам во Тетово

тетово-амам

Со поддршка од Министерството за култура, во завршна фаза се активностите за заштита на Стариот амам во Тетово, кој претставува споменик на културата од османлискиот период, а финализацијата на активностите од областа на непосредната заштита е планирана до крајот на 2015 година.

Стариот амам во Тетово претставува објект од османлискиот период, поточно од XV век, зачуван во својата автентична градежна форма. Овој споменик на културата е адаптиран во галериски простор и функционира во рамките на НУ Уметничка галерија – Тетово.

Имајќи ги предвид оштетувањата на ова вредно културно наследство, особено во делот на куполите, предвидена е санација на целиот објект од страна на Националната установа Национален конзерваторски центар – Скопје.

Овој проект се одвива во четири фази, од кои првите две беа реализирани во 2012 и 2013 година, при што е изработен проект за непосредна заштита, конзервација и санација од страна на надлежната установа НУ Национален конзерваторски центар – Скопје.

За целосна реализација на проектот, надлежната установа склучи договор за финансирање со Турската агенција за соработка и координација – ТИКА, според кој, во координација на двете институции, ќе се спроведат сите потребни мерки за заштита, односно санација на објектот.

Во согласност со усвоената динамика, предвидено е решавање на проблемот со влагата во објектот, конзерваторски зафати за консолидација на куполите, односно санирање на пукнатините направени под влијание на временските услови. Исто така, предвидена е превентивна интервенција во внатрешноста на објектот, како и изработка на дренажен канал, канал за одвод на атмосферска вода, рампа, оградни ѕидови, фасади, покрив, третман на вертикални ѕидни површини во просториите на објектот и третман на вертикални сферични површини.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП