1 јуни, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАНа Волстрит најголем пад на цените во четири години, голем скок на...

На Волстрит најголем пад на цените во четири години, голем скок на „индексот на стравот“

Wall Street Premarket

На Волстрит во понеделникот цените на акциите потонаа за повеќе од 3,5 отсто, што е негов најголем дневен пад во речиси последните четири години, бидејќи стравувањата од последиците од слабеењето на кинеската економија ги натера вложувачите на панично повлекување од пазарот. Силен скок забележа т.н. „индекс на стравот“, а европските берзи го забележаа најголемиот дневен пад од 2008-ма година.

Така индексот Dow Jones се лизна за 3,57 отсто, на 15.871 поен, додека индексот S&P 500 потона за 3,94 проценти, на 1.893 поени, а индексот Nasdaq падна за 3,82 отсто, на 4.526 индексни поени.

Тоа претставува најголем дневен пад на овие индекси уште од септември 2011-та година, а потоа се насочија во областа на корекцијата, 10 отсто под нивното претходно највисоко ниво. Во еден момент индексот Dow Jones потона во понеделникот за повеќе од 1.000 поени, а индексите S&P 500 и Nasdaq за повеќе од 5 отсто, бидејќи падот на цените на акциите во Кина за повеќе од 8 отсто ги натера инвеститорите на повлекување од пазарите.

И покрај најавите на кинеските власти за воведување нови мерки за стабилизација на пазарот, берзата во Шангај и натаму бележи драматични загуби. Од половината на годинава цените на кинеските акции паднаа за околу 40 отсто. Тоа е последица од стравувањата од острото забавување на растот на кинеската економија. Во вториот квартал таа порасна за 7 отсто, најбавно во последните 25 години, а вложувачите стравуваат дека во тековниот квартал растот ќе биде уште побавен, имајќи ги предвид првичните макроекономски показатели за јули и август.

„Инвеститорите во Кина ја загубија довербата во тамошната централна банка, па ситуацијата на тамошниот пазар е алармантна. Сето тоа зависи од тоа дали растот на кинеската економија значително ќе забави. Во тој случај, тоа ќе се почувствува и во САД“, вели за Reuters Брус Битлес, стратег во компанијата „Robert W. Baird & Co“.

Кинеските власти досега преземаа мерки за поттикнување на економијата, меѓутоа, се чини, тие не ги дадоа посакуваните резултати поради слабоста на домашната и надворешната побарувачка. Оттаму, инвеститорите ставуваат дека кинеските власти повторно, како пред десетина дена, ќе посегнат по девалвација на националната валута јуанот во обидот да се зголеми конкурентноста на кинеските извозни производи и така да се поттикне растот на втората по обемот светска економија.

Меѓутоа, тоа би можело да предизвика валутна војна меѓу земјите во развој, кои се обидуваат да се одбранат на ист начин, и да доведе до забавување на целокупната светска економија. Уште повеќе, што се повлекува капиталот од земјите во развој и се пренасочува кон развиените пазари.

„Ја намаливме нашата изложеност во акции во пазарите во развој, но и во некои сектори, на пример, во автомобилската индустрија бидејќи Кина е голем увозник. Во моментов на пазарите владее паника и може да се очекува продолжување на нестабилноста“, прогнозира Франсоа Савари , аналитичар во швајцарската банка „Reyl“.

Слабеењето на Кина, најголемиот светски потрошувач на сировини, предизвика остар пад на цените на сировините. Така, нафтата во понеделникот потонаа за 6 отсто, на најниското ниво во шест ипол години, додека цените на алуминиумот и бакарот, кои претставуваа своевиден барометар за побарувачката во светот, паднаа на најниските нивоа од периодот на светска финансиска криза од 2009-та година. Поради тоа, на Волстрит во по неделникот остро паднаа цените на акциите во енергетскиот сектор, а на вредноста загубија сите 10 сектори од S&P 500 индексот.

Распродажбата на акциите на најголемата светска берза покажува дека инвеститорите стануваат сé понервозни, бидејќи плаќаат високи цени за акциите во периодот кога растот на заработките на компаниите е минимален, кога цените на нафтата паѓаат, кога растот на глобалната економија забавува и кога на пазарите владее неизвесност по прашањето кога американската централна банка Fed ќе ги зголеми каматните стапки.

Поради тоа, вложувачите забрзано се повлекуваат од пазарите, на што укажува големиот обем на тргувањето. На американските берзи во понеделникот сопствениците заменија дури 14 милијарди акции, додека просечниот дневен обем во август, и тоа солидно зголемен, изнесуваше 7 милијарди акции.

На стравот на инвеститорите укажува, пак, и силниот 45-процентен скок на VIX „индексот на страв“ на Чикашката берза, која во понеделникот достигна 40 поени, највисокото ниво од јануари 2009-та година. Уште минатата седмица овој индекс го постигна најголемиот индексен скок во историјата, што укажува на тоа дека инвеститорите засилено ги осигуруваат своите портфолија од можното натамошно паѓање на цените на акциите.

„Доколку во денеска ситуацијата во Кина не се смири, ни претстои уште еден „грд ден“ во кој нема да сакате да ги држите позициите кои ги заземавте денеска“, смета Ренди Фредерик, директор во компанијата „Charles Schwab“.

На европските берзи, пак, цените на акциите во понеделникот го забележаа најголемиот дневен пад од крајот на 2008-ма година, иако во вторникот во претпладневното тргување повратија дел од загубите. Индексот FTSEurofirst на 300-те водечки европски акции потона за 5,4 отсто, при што беа избришани околу 450 милијарди евра пазарна вредност на акциите.

Притоа лондонскиот FTSE индекс се лизна за 4,67 отсто, на 5.898 поени, додека франкфуртскиот DAX потона за 4,70 отсто, на 9.648 поени, a парискиот CAC 5,35 за отсто, на 4.383 индексни поени.

Притоа 17 од 18-те најважни европски индекси нурнаа во подрачјето на корекциите, 10 отсто од нивното претходно највисоко ниво. Германскиот DAX, кој на почетокот од 2015-та година најмногу растеше и достигна рекордни нивоа, падна, пак, во областа на „мечката“, 20 отсто од своето претходно највисоко ниво.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП