Цената на нафтата се задржа денеска на светските берзи над 49 долари за барел, а во фокус беше податокот за пад на активностите на јапонската економија во вториот квартал.
На лондонската берза со барел се тргува по речиси непроменета цена во однос на претходното затворање, од 49,41 долар. На американската берза цената на барелот падна 36 центи, на 42,14 долари.
На почетокот на неделата вниманието е насочено кон податокот дека активностите во Јапонија, трет по големина нафтен потрошувач на светот, паднале во вториот квартал, поттикнувајќи ја загриженоста за побарувачката. Од друга страна проблемот со прекумерното снабдување дополнително го заостри податокот за зголемувањето на бројот на активни ископини во САД, кој сигнализира раст на производството, како и рекордно производство во Оман во јули.
„Проблемот со прекумерното снабдување и натаму е актуелен, што ја поттикнува склоноста кон спуштање на цените“, заклучува аналитичарот Карстен Фрич од франкфуртски Commerzbank.
Многу аналитичари очекуваат дека цената на нафтата ќе биде под притисок и во претстојниот период, во услови на континуирано прекумерно снабдување.
„Крајот на летната сезона на патувањето и почетокот на новата сезона на одржување на рафинериите ќе ја притисне побарувачката на краток рок, а со тоа и цената на нафтата“, толкува Мајкл Витнер од Societe Generale.
Голем број европски рафинерии планираат работи на одржување во септември и октомври, вклучително и оние на Royal Dutch Shell, Statoil и Total.