4 мај, 2024
ПочетнаКУЛТУРАНа фестивал во Битола настапуваат 30 солисти од 12 држави

На фестивал во Битола настапуваат 30 солисти од 12 држави

tralalalala

Битола од 12-ти до 15-ти август е домаќин на 16-тото издание на Интернационалниот музички фестивал “ТРА-ЛА-ЛА” на кој учестуваат 30 млади музички таленти од 12 држави во светот.

Покрај учесниците од Македонија, на фестивалот настапуваат деца солисти и делегации од Турција, Словенија, Бугарија, Романија, Полска, Австралија, Босна и Херцеговина, Унгарија, Русија, Хрватска и Кипар.

Фестивалот ќе се одвива во три натпреварувачки дела во Народниот театар и Центарот за култура во Битола. За сите љубители на детската песна е предвиден слободен влез на 12-ти и 13-ти август со почеток во 18 часот во Народниот театар на првиот натпреварувачки ден кога учесниците ќе настапуваат со композиции на мајчин јазик и на вториот натпреварувачки ден, кога ќе изведуваат позната поп песна на јазик по избор.

Гала концертот со победничките композиции, како и со популарни гости и звезди од македонската естрада и учество на културно – уметнички друштва ќе се одржи на 15-ти август со почеток во 19 часот во Големата сала при Центарот за култура во Битола, кога ќе бидат доделени и наградите на фестивалот.

Фестивалот е успешен промотор на Македонија и македонската култура ширум светот бидејќи досега фестивалот “ТРА ЛА ЛА” е претставник на Република Македонија на голем број меѓународни фестивали и арт-манифестации, на кои се освоени голем број на награди, и тоа на “Еуростарс” во Малта, на “Орошке звездице” во Словенија, на “Док тече Лашва” во Босна и Херцеговина, на ”Златна рибка” во Бугарија, на “Сан Ремо –јуниор” и “Сан Ремо” во Италија, на “Славјански Базар” во Белорусија, на “Златни микрофон” во Хрватска, на “Орфеј” во Венеција, на “Златини дани” во Србија, на “Шанс” во Данска, на “Ти амо” во Романија, на “Катјуша” во Русија, на “Бледски микрофон” во Словенија, на “Најсветла звезда” во Турција, на “Кукуричек” во Хрватска и други фестивали и детски манифестации ширум светот.

Фестивалот “ТРА-ЛА-ЛА” е дел од битолско културно лето Битфест со поддршка на општина Битола и градоначалникот на општина Битола Владимир Талески.

За време на фестивалските денови, покрај музичкиот дел, предвидено е децата од странство да се запознаат со убавините и културата на Македонија заради што за сите деца учесници ќе бидат организирани посети на Охрид и Свети Наум, Пелистер, античкиот локалитет Хераклеја, Националната установа Завод, Музеј Битола и други места значајни за македонската култура и историја.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП