2 мај, 2024
ПочетнаКУЛТУРАПромовирана книгата „ДвОглед“ од Весна Мундишевска-Велјановска

Промовирана книгата „ДвОглед“ од Весна Мундишевска-Велјановска

dvogled

Во рамкира на Културното лето Новаци 2015, а во организација на општината и Културно-иновативниот клуб Новаци, во вторникот се одржа промоција на книгата поезија „ДвОглед“ од Весна Мундишевска-Велјановска во издание на „Матица македонска“, чии рецензенти на книгата се писателките Милица Д. Радевска и м-р Мирјана Стојановска, а промотор беше и Елизабета Јончиќ.

Поетската книга „ДвОглед“ не е само двојно гледање, двоен глед, туку е и оглед и соглед, еден пристап кој ги сублимира турбуленциите на секојдневните опстојби и психолошките реакции од нив во една модерна естетика на егзистенцијализмот, рече Јончиќ.

Книгата се состои од дводелен пролог и два циклуси („ОГЛЕД прв – рецепција“ и „Втор ОГЛЕД – перцепција“) од по 22 песни во кои е разработен различниот пристап на поединецот кон животот во зависност од неговото восприемање на нештата (рецепцијата) и согледбата т.е. пристапот кон збиднувањата (перцепцијата).

Во книгата созрева себесвесноста, како што истакнаа рецензентите, еруптира возљубеноста, се благословува откривањето на совршенството на обичноста и единственоста на Човекот. Срцевината на секој човек станува епицентар на несовршениот но волшебен свет. Во остварувањето на таквата хармонија на човекот со себе и космосот пулсираат крвотоците на безвремието, а секоја личност ја моделира сопствената оаза за духовно и просторно у(с)покоение.

Весна Мундишевска-Велјановска е член на Друштвото на писателите на Македонија. Автор е на книгите поезија: „Во сонот сон“, „Неспокојно сонце“, „Ден-денување“, „Птицоврик“, „Вонземски сводови“, „Вибрации на духот“ и „Поетски дијалог“, а нејзини песни се преведени на италијански, англиски, влашки, романски, српски, босански и бугарски јазик. Член е на редакцијата на списанието за книжевност, уметност и култура „Раст“, списанието за култура – литература, драмска уметност, филм и издаваштво „Современи дијалози“ и на две педагошки списанија.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП