6 јуни, 2025
ПочетнаЕКОНОМИЈААпаратите за гаснење пожар се продаваат како топол леб – еве како...

Апаратите за гаснење пожар се продаваат како топол леб – еве како се движат цените!

По катастрофалниот пожар во кочанската дискотека „Пулс“ што ја потресе цела Македонија, граѓаните, но и сопствениците на деловни објекти низ цела држава, нагло ја свртеа својата внимателност кон – противпожарната безбедност.

Ако досега многумина ги третираа противпожарните апарати како „протоколарен декор“ за да не им најде замерка инспекција, деновиве се чека ред за да се купи, најчесто, оној од 9 килограми.

– Немавме ваков интерес никогаш досега. Луѓе бараат по два, три апарати, и тоа не само за фирми, туку и за дома. Не можеме да постигнеме да набавиме нови количини – вели Марија, вработена во специјализирана продавница за противпожарна опрема во Скопје.

Според неа, во рок од три дена се продале над 70 противпожарни апарати, а цените – иако сè уште стабилни – покажуваат знаци на раст.

Еден ПП апарат од 1 кг чини околу 900 денари, додека најбараните, оние од 6 и од 9 кг, се продаваат за 2.500 до 4.000 денари, во зависност од производителот и квалитетот.

Пожарот во Кочани остави зад себе не само пепел, туку и јавен аларм.

„Ако вечерва се запали објектот, со што ќе гаснам?“ е прашањето што сѐ почесто си го поставуваат и газдите на кафеани и фризерски салони, и домаќините во семејни куќи.

Зголемен е и интересот за поставување надворешни хидранти, посебно кај новите згради и комерцијални објекти.

Дел од фирмите веќе започнаа и обука за своите вработени за прва интервенција при пожар, што досега било исклучок, а не правило.

„Не чекавме инспекција. Ја повикавме пожарната служба и договоривме предавање за нашите вработени. Ако чекаме системот да нѐ заштити, ќе завршиме како во Кочани – рече Васко, сопственик на магацински простор во населбата Хиподром.

Пожарот во Кочани очигледно остави длабока трага. Но прашањето останува – дали граѓаните конечно сфатија дека противпожарната опрема не е трошок, туку нужност, или пак само се плашат од засилените инспекциски контроли?

Б.З.М.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП