Сингапур со голема свеченост и грандиозна парада одбележа 50 години независност, со акцент на економскиот успех кој го постигна тој град-држава.
На улиците се слушаа национални песни, на небото летаа борбени авиони, а граѓаните ја користеа предноста на слободното возење во автобусите и возовите.
Прославата заврши со воена парада и огномет, а единството и гордоста на Сингапурците беше демонстрирано со видео посветено на основачот и лидер Ли Куан Јуом, кој почина во март на 92-годишна возраст.
Ли, кој во текот на повеќе од три децении, колку што беше премиер, ја водеше практично еднопартиската држава, е најзаслужен за развојот на Сингапур од колонијална област до богата метропола.
Од неколку стотина долари национален приход по глава на жител, Сингапур денес е меѓу најбогатие држави во светот со приход по глава на жител од блиску 60.000 долари.
За постигнување на економски напредок Ли сметал дека е потребна поцврста политика за да се обиде да ја усклади расната мешавина на мнозинството Кинези и малцинството од Малезијци и Индијци.
Од сиромашен град до метропола
Неговата прва задача била на населението да му обезбеди услови за живеење и работно место. Така започна раѓањето на „малиот азиски тигар“, а сличниот систем, повеќе економска отколку политичка слобода, набрзо започна да се проширува во уште неколку азиски држави.
Тој, сепак, не го толерираше политичкото несогласување, а противниците често ги тужеше на суд за клевета до нивен банкрот.
Неговиот син, премиерот Ли Сјен Лунг ја води земјата на сличен начин. Владеачката Партија за народна акција на претходните избори во 2011 година освои 60 проценти од гласовите и 80 до 87 места во парламентот, што е нејзиниот најслаб резултат од независноста.
Во септември ќе бидат одржани нови парламентарни избори. Меѓу Сингапурците е се поголемо незадоволството поради политичкото ограничување, се поголемиот број на странски работници и скапиот живот.
Повеќето медиуми се под контрола на компаниите кои се поврзани со државата, а неколку независни веб сајтови се ограничени со строгите закони за клевета кои властите често ги користат за да ги замолчат критичарите. На листата „Репортери без граница“, Сингапур оваа година според слободата на медиумите се најде на 153-тото место од 180 земји.
Сингапур денес е меѓу петте најскапи градови во светот но и со најмал процент на корупција благодарение на строгите закони, но и фактот дека членовите на Владата имаат исклучително високи плати, па и најмалиот вид на корупција за нив е голем ризик се да загубат.
Се проценува дека до 2030 година Сингапур ќе има од 6,5 до 6,9 милиони жители, од кои речиси половината се странци.