6 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАНБРМ не планира нови мерки за заштита од грчката криза

НБРМ не планира нови мерки за заштита од грчката криза

bogov 300

Народната банка на Македонија засега не планира нови мерки за заштита на македонскиот финансиски систем како последица од евентуално продлабочување на грчката криза, порача гувернерот Димитар Богов, веднаш откако во неделата стана јасно дека Грците на референдумот ги отфрлија натамошните мерки за финансиска помош и штедење кои ги понудија доверителите на земјата, што може да значи и излегување на Грција од еврозоната.

„Ќе ја следиме ситуацијата со солвентноста на грчкиот банкарски сектор и ќе реагираме доколку биде потребно“, се вели во писмената изјава на гувернерот на Народната банка на Македонија (НБМ), Димитар Богов.

На прес-конференцијата свикана минатиот понеделник, веднаш откако Грција воведе контрола на капиталот и привремено ги затвори банките, Богов изрази уверување дека банкарскиот сектор во Македонија е отпорен на секаков шок што може да се случи поради ситуацијата во Грција.

Гувернерот тогаш информираше дека НБРМ во неделата, 28-ми јуни, донела превентивна мерка со која целосно се затворени вратите за можен одлив на капитал од Македонија кон Грција.

„Иако не очекуваме дека такви обиди ќе има, сепак за да бидеме на сигурно, ја донесовме таа одлука со која нормалното работење меѓу македонски и грчки фирми продолжува како и досега. Единствено сега нема да може да се даваат позајмици и вложувања од Македонија кон Грција“, истакна минатиот понеделник Богов.

Потсети тогаш дека со Законот за банки има ограничување според кое домашните банки не може да се изложуваат кон матичните групации повеќе од десет отсто од својот капитал.

„Пред две години донесовме и една макропрудентна мерка со која што за секоја изложеност кон земји кои што имаат кредитен рејтинг понизок од „Б-“, веднаш банките ќе мораат да издвојат 50 проценти резервација“, рече Богов.

Додаде дека македонските граѓани во Грција можат да повлечат пари од банкоматите онолку колку што им е лимитот зададен од матичната банка.

Според Богов, доколку банкарскиот сектор во Грција пропадне, тоа нема да се одрази врз домашниот банкарски сектор.

„Доколку дојде до крах на банкарскиот систем во Грција тоа ќе биде многу лоша ситуација за грчката економија, мегутоа во Македонија тоа нема да се одрази воопшто. Нашиот банкарски систем ќе продолжи да функционира без никакви последици. Оние банки кои се во грчка сопственост, се домашни банки кои работат според нашата регулатива и тие ќе продолжат да работат. Единствено може да го променат сопственикот“, рече Богов.

Во Македонија, работат две грчки банки, Стопанска банка и Алфа банка, кои задно имаат држат околу 22 отсто од банкарскиот сектор и функционираат според овдешните прописи. Македонските финансиски власти мината седмица им наложи на домашните банки да ги повлечат своите пари од грчките и да преземат превентивни мерки за ограничување на повлекувањето на капиталот во Грција.

Овие мерки дадоа резултат, па кон средината на минатата седмица македонската централна банка порача дека не ѝ е потребна вонредна финансиска помош во одбрана од последиците од грчката криза. Сепак, порача дека би било добро кога би ѝ била отворена опцијата за пристап до средствата од Европската централна банка (ЕЦБ) во вонредни ситуации.

Европската централна банка, инаку, е подготвена да ја прошири финансиската помош за Бугарија, на чиј банкарски систем, исто така, му се закануваат ризици поради грчката должничка криза, а може да им помогне и на другите земји во регионот доколку се јави потреба од тоа, пишуваше минатата седмица агенцијата „Bloomberg“, откако Грција технички банкротираше кога на 30-ти јуни не успеа да му го плати на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) долгот од 1,6 милијарди евра за четирите јунски рати од кредитот.

Во неделата Грците со 61 отсто гласаа против програмата за продолжување на надворешната помош на нивната земја која предвидуваше и дополнителни мерки за штедење, додека 39 отсто од излезените гласачи на референдумот го прифатија планот на доверителите за излез од длабоката економска и финансиска криза.

Со ваквиот исход од референдумот, владата на радикалната левица предводена од премиерот Алексис Ципас смета дека добила поддршка за поцврста позиција во преговорите со доверителите. Меѓутоа, од трите институции – Европската комисија, Европската централна банка, на која Атина на 20-ти јуни треба да ѝ исплати 3,6 милијарди евра долг од заемот, и Меѓународниот монетарен фонд, како и европските политичари предупредуваа дека таквиот исход ќе ја насочи Грција кон излез од еврозоната.

Поради тоа, во регионот постојат стравувања од притисок врз банкарскиот систем на оние земји кои имаат развиени односи со Грција, во кои делумно спаѓа и Македонија.

Грчките банки и по една седмица остануваат затворени, бидејќи им се закануваше банкрот поради забрзаното масовно повлекување на парите од сметките и од сефовите изразено во повеќе десетици милијарди евра, а покрај контролата на движењето на капиталот, грчката народна банка од минатата седмица го ограничи извлекувањето на готовина и од банкоматите на 60 евра дневно од картичка.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП