26 април, 2024
ПочетнаКУЛТУРАЗапочна Скопско лето 2015-та

Започна Скопско лето 2015-та

skopsko-leto

Во недела, во Салонот на Македонската опера и балет, во 21 часот со премиерата на балетската претстава „Заспани убавици“ свечено беше отворено 36-то издание на Скопското лето, меѓународната културна манифестација, што традиционално почнува на првиот ден на летото, а истовремено се обележува и Светскиот ден на музиката.

Отворањето на Скопско лето 2015  го означи претходно уште еден културен настан, со почеток во 20 часот во Национална галерија на Македонија – Мала станица, каде што беше отворена изложбата по повод 25 години од Галичката ликовна галерија „Просторна екстензија на уметноста“ со дела на Урош Ѓуриќ од Србија, Дејвид Голденберг од Велика Британија, Ајсберг Фернандез од Шпанија, Маурин Бахаус од Холандија, Која Исуфи од Косово и групата ОПА (Слободанка Стевческа и Денис Сарагиновски) од Македонија.

Тенденцијата на Ликовната колонија Галичник е да ги следи најактуелните токови во уметноста, оттука согласно дигиталните медиуми и стремежи и колонијата се организира во тој домен. Афирмирани уметници кои работат во дигиталните медиуми (компјутерска фотографија, графика, видео уметност, звучни инсталации и слично) се покануваат и земаат учество на колонијата а делата кои се продуцираат се одлични егземплари на современата ликовна сцена.

На најновата изложба на Ликовната колонија Галичник, насловена „Просторна екстензија на уметноста“ беа презентирани дела продуцирани на последни три сесии 2012/2013/2014, исто така во духот на новите медиуми, а со изложбата се одбележа еден мал јубилеј – 25 години постоење на оваа меѓународно призната визуелна работилница на светската уметничка мапа.

Во изминативе три години во Галичник твореа млади уметници од Македонија (ОПА, Ана Лазаревска, Дијана Богдановска, Инес Ефремова, Илина Чолак…) од регионот; Европа и од останатиот свет (Криси Бароус, Дилјана Стоименова, Дујгу Сезгин, Ајсберг Фернандез, Ирмак Донмез, Јетон Муја, Дејвид Голденберг, Маурин Бахаус, Павел Павелка, Урош Ѓуриќ и др.) во различни медиуми: концептуална фотографија, дигитална уметност, видео, перформанс, стрип…, при што уметниците водени од своите идејно-концепциски вокации оставија дела со кои се збогатуваат фондот и продукцијата на уметнички дела во современиот визуелен артистички израз во Македонија.

На првиот ден на летото и Светскиот ден на музиката во МОБ се одржи премиерата на балетската претстава „Заспани убавици“ според романот на Јасунари Кавабата „Куќата на заспаните убавици“. Кореограф и автор на сценската идеја е Саша Ефтимова, а костимограф е Александар Ношпал. Користена е музика на Рихард Вагнер, Едвард Григ, Ј. С. Бах, Густав Малер, Милан Димушевски. Ќе настапат Александра Мијалкова, Васил Чичиашвили, Наташа Николова, Гиорги Беридзе, Мирјана Поп-Алексова Атанасовска, Бобан Ковачевски, Марија Шокаровска, Игор Веланоски, Билјана Басмаџиева, Агим Бафтии, Саша Ефтимова.

„Заспани убавици“ е насловот на извонредниот балет со фантастична раскошна музика на славниот руски композитор Чајковски. Музиката за балетот повеќе од еден век преставува инспирација за неброени кореографи, така што постојат толку многу различни верзии на балетот колку што има балетски ансамбли во светот. Јас сакав да дадам едно ново гледање, нов пристап кон приказната – Заспана убавица која не е раскажана на традиционален начин. Приказната во прв план ги поставува односите помеѓу младоста и староста, сексот, смртта, животот и сеќавањето. Сите овие аспекти придонесуваат кон развојот на еден жив ум. Кавабата ја потенцира способноста на човечкиот ум да фрли светлина на односот на поединецот со светот во кој егзистира. Размислувањата на ликовите за грешките во минатото најчесто се случуваат кога се наоѓаат на прагот на смртта. Тогаш колку очајно ја бараат таа невозможна шанса повторно да ја зграпчат младоста, дури само за миг, и да почувствуваат една почиста егзистенција. Приказната поседува еден лиричен квалитет во кој наоѓаме прикриен реализам. На површината, овие приказни лесно е да ги сместиме во светот на фантазијата и сонот (елементи кои во одредена мера ги поседуваат), но контемплациите и филозофските размисли кои ги нудат се универзални, реалистични и безвремени.

Во суштина, станува збор за приказна за чистата желба. Куќата на Заспаната убавица е куќа на желбата; длабоката желба всушност е желба вистински да сте близок со некого, да се напојувате од нивната младост и убавина, патувајќи низ сеќавањата од животот, припомнувајќи се на младоста.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП