5 мај, 2024
ПочетнаКУЛТУРАПоследна фаза од обновата на манастирот „Св. Архангел Михаил” во Варош

Последна фаза од обновата на манастирот „Св. Архангел Михаил” во Варош

Image (100)

Стручните екипи на Заводот за заштита на спомениците на културата и музеј – Прилеп интензивно работат на третата, последна фаза од темелната реконструкција на источниот конак од манастирот „Св. Архангел Михаил” во Варош, Прилеп, која е предвидено да заврши до октомври годинава.

Третата фаза ги опфаќа активностите околу завршните работи на подовите, таваниците, поставување на санитаријата и монтирањето на вратите и прозорците на новиот конак кој се гради на површина од 292 метри квадратни.

Проектот за обнова на источниот конак од црквата „Свети Архангел Михаил”, која е главната и единствена манастирска црква во варошкиот манастир, е дел од програмата на Владата на Република Македонија и Министерството за култура и неговата реализација е потврда за грижата за непроценливите културни вредности и културното наследството.

Манастирскиот комплекс со црквата посветена на Св. Архангел Михаил се наоѓа во подножјето на Маркови кули во населбата Варош во непосредна близина на Прилеп и датира од периодот на 13 век. Црквата претставува еднокорабна градба со отворен трем и камбанарија. Конаците се изградени од двете страни на манастирот во 19 век, како дар од прилепскиот еснаф и претставуваат впечатлив пример на староградската прилепска архитектура. Монашкиот живот во манастирот е обновен во 1988 година.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП