Државата повторно се обидува да ги врати младите во селата – овојпат со финансиска инјекција од 100.000 евра за секој кој ќе одлучи да почне живот и работа во рурална средина.
Но, дали оваа сума е доволна за да се „откупи“ младешката волја за нов почеток меѓу нивите, далеку од урбаните удобности?
Според новата владина мерка, младите до 35 години кои ќе започнат сопствен агробизнис во село, ќе добијат директна поддршка од државата.
Парите ќе може да се искористат за купување земја, механизација, изградба на објекти или започнување агро-производство. Звучи охрабрувачки на хартија, но животот на село ретко кога е така едноставен.
„Селото не е само поле за бизнис, туку целосен животен пресврт. Младите мора да знаат дека таму нема кафулиња, нема јавен превоз, ниту аптеки на секој агол. Треба да се прифати цела една нова филозофија на живеење“, вели економскиот аналитичар Ведран Кузмановски.
Тој смета дека мерката има потенцијал, но предупредува дека без соодветна инфраструктура, најдобронамерните иницијативи ќе останат на хартија.
Сличен став има и Елена Спасевска, 29-годишна дипломирана агрономка која по неколку години во Скопје се врати во родното село во Кавадаречко.
„Имам пари, имам земја, но немам каде да го однесам детето во градинка. Без пристап до образование и здравство, млад човек не може да се чувствува сигурно“, раскажува таа.
Од Министерството за земјоделство уверуваат дека со мерката ќе се отворат нови работни места и ќе се оживеат руралните средини. Но, демографијата покажува друга слика – македонските села секоја година губат жители, а младите масовно се иселуваат во странство, не во рурални делови од сопствената земја.
„100.000 евра се сериозна сума за почеток. Но ако со тие пари треба да ги замениш патот до доктор, детските игралишта и стабилната интернет мрежа – тогаш цената е преголема“, додава Кузмановски.
Мерката може да има ефект само ако се интегрира во поширока стратегија за развој на селата – со патишта, институции, дигитална поврзаност и реална поддршка. Во спротивно, овие 100.000 евра ќе бидат уште еден политички експеримент, а не вистински почеток за нов живот.
Засега, прашањето останува отворено: дали парите можат да ја заменат надежта, сигурноста и перспективата што младите ја бараат?
Б.З.М.