28 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЗа паметно донирање неопходна е поголема соработка меѓу граѓанските организации и бизнисот

За паметно донирање неопходна е поголема соработка меѓу граѓанските организации и бизнисот

bbb

Како да се зголеми соработката меѓу граѓанскиот и бизнис секторот во решавањето општествени потреби и предизвици; Какви се можностите што ги нуди Законот за донации и спонзорства во јавните дејности и конечно, како да се зголеми прибирањето ресурси од бизнис секторот од страна на граѓанските организации, се основните дилеми за кои дебатираа претставници на граѓанскиот сектор од земјава и регионот, бизнисмени и експерти, на Конференцијата за филантропија што се организираше во рамки на проектот за креирање на овозможувачка средина за финансиска одржливост на граѓанските организации, финансиран од Европската Унија.

Резултатите од спроведеното истражување на ставовите, верувањата и практиките за прибирање на ресурси и соработката меѓу граѓанските организации и приватниот сектор покажуваат дека дури 85% од домашните компании до сега немале никаква соработка со граѓанскиот сектор, а само 10% од нив добиле барање за донација од некоја граѓанска организација. Од друга страна, скоро две третини од граѓанските организации не го гледаат приватниот сектор како извор на ресурси, иако дури 80% од оние што побарале донации од компаниите истите и ги добиле. „Се чини дека соработката меѓу граѓанскиот и бизнис секторот во земјава е повеќе исклучок отколку правило“, вели креаторот на истражувањето д-р Ристо Карајков, потенцирајќи ја неопходноста од создавање поволна клима во општеството за развој на културата на корпоративна филантропија, што според него може да се постигне преку јавната дебата,преку која ќе се афирмираат општествените вредности за кои е неопходна поддршка од бизнис секторот.

bbc

„Неопходно е да се преземат ефективни чекори за зголемување на комуникацијата и довербата меѓу граѓанскиотсектор и бизнисот, а иницијативата за тоа мора да произлезеод страна на граѓанските организации“, децидна е извршната директорка на здружението „Конект“, Никица Кусиникова, која смета дека постои голем неискористен потенцијал за донирање кај бизнис секторот, кој би можел да биде ставен во функција од страна на граѓанските организации во унапредување на благосостојбата на луѓето и постигнување општо добро. Како илустрација за ваквиот оптимизам говори податокот дека 50% од бизнисите во нашата земја дале некаква донација во изминатата година (59% во изминатите три години), а вкупниот износ за донации и спонзорства за остварување цели од јавен интерес во 2013-та година надминал 10,5 милиони евра.Најголем дел од донациите од компаниите (23,2%) се наменети за помош при лекување, иако не е мала ниту поддршката што бизнисот ја издвојува за спортот (15,9%), како и за помош на сиромашни (11,9%) и справување со последиците од  хуманитарни непогоди (10,7%).

Експертите се согласни дека еден од начините кои би ги мотивирал компаниите, но и граѓаните, да донираат повеќе, се даночните олеснувања. Сепак, досегашните резултатите од истражувањата и анализите на ефектите од Законот за донации и спонзорства во јавните дејности кој ги одредува видовите и начините како може да се добијат даночни олеснувања, покажуваат дека постојат големи предизвици кои треба да се надминат за да се зголеми неговата ефективност во поттикнување на донирањето. Еден од тие предизвици секако е информираноста на корисниците за можностите што ги нуди законот. Две третини од компаниите не се запознаени со законот, а само 11,4% од оние кои донирале ги користеле даночните поттикнувања. Скоро половина од граѓанските организации се изјасниле дека тој нема позитивен ефект, односно не ги поттикнува донациите од компаниите.

„Постои голем простор за понатамошно стимулирање на донаторството и корпоративната филантропија преку проширување на даночните олеснувања и поедноставување на законската процедура за нивно добивање“, смета Борче Смилевски, автор на анализата на трошоците и придобивките од даночните поттикнувања во Законот за донации и спонзорстваво јавните дејности. Неговите заклучоци произлегуваат од податоците кои говорат дека, иако од година во година расте бројот на оние што ги користат законските придобивки, сепак нивниот вкупен број останува на исклучително ниско ниво. Па така, во 2012-та, само 47 граѓани искористиле даночно ослободување предвидено со законот за донации, што претставува 0,02% од вкупно поднесените годишни даночни пријави. Кај компаниите, од над 70 илјади правни субјекти, само помеѓу 500 и 700 компании годишно поднесуваат барања за даночни ослободувања по основ на реализирани донации и спонзорства.

За да обезбеди помош, насоки, но и конкретни решенија за сите субјекти кои се заинтересирани за процесот на донирање, било како донатори или приматели на донации, неодамна беше лансирана и веб платформата www.donirajpametno.mk која на едно место ги содржи сите клучни информации околу донирањето во смисол на тоа што е донирање, како паметно да се донира, што овој процес значи за компаниите, а што за граѓанскиот сектор.Посебен сегмент во платформата зазема обработката на постојниот Закон за донации и спонзорства во јавните дејности, а соодржи и практичен дел со креирани урнеци на основни документи потребни во процедурата предвидена во Законот, како и калкулатор кој може да помогне, преку симулација, да се пресметаат даночните олеснувања што Законот ги обезбедува за донаторите.

Заради подобро информирање на донаторите, граѓанските организации и јавноста промовирана е и публикација која ги содржи сите резултати од истражувањето на ставовите, верувањата и практиките за прибирање на ресурси и соработката меѓу граѓанските организации и приватниот сектор и анализата натрошоците и придобивките од даночните поттикнувања во Законот за донации и спонзорства во јавните дејности.

 

За Проектот: Креирање на овозможувачка средина за финансиска одржливост на граѓанските организации

Проектотима за цел да придонесе кон градењето силни и одржливи граѓански организации, способни успешно да мобилизираат средства од домашните компании, како и да се вклучат во дијалог со приватниот сектор. Овој проект се реализира со финансиска поддршка на Европската Унија. Способноста за мобилизирање на финансиски и други средства од компаниите кои работат во нашата земја и намалувањето на зависноста од странските донатори, во голема мера влијае врз одржливиот развој на граѓанските организации во државата. Од тој аспект, неопходно е да се градат и поддржат нивните капацитети за соработка со приватниот сектор. Разбирањето на придобивките од филанторпијата и креирањето поволна законска рамка што ќе овозможи ползување на даночните бенефиции што следуваат при донирањето, дополнително придонесува во овај правец. Затоа активностите предвидени за реализација во рамки на проектот се насочени кон:

  • Поставување темели за долгорочна и поттикнувачка рамка за филантропија и мобилизација на домашни ресурси врз основа на истражување и анализа;
  • Поддршка на засегнатите страни во креирањето и користењето на поттикнувачка правна средина за даночни олеснувања при донирање;
  • Подобрување на капацитетите на граѓанските организации за изнаоѓање и мобилизирање локални ресурси и воспоставување на долгорочна и одржлива соработка со приватниот сектор;
  • Промовирање на најдобрите практики и иницирање дебата за важноста на филантропијата и мобилизација на локални ресурси во градењето на силни заедници.

bbg

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП