13 мај, 2024
ПочетнаКУЛТУРА„Излет мјузик“ од Скопје и Дерик Меј блеснаа во Париз

„Излет мјузик“ од Скопје и Дерик Меј блеснаа во Париз

Image (59)

Скопската продуцентската куќа „Излет мјузик“, чиј идеен творец и сопственик е Огнен Узуновски – Оги, организираа еклектичен настап на пионерот на детроитската техно сцена Дерик Меј feat. Francesco Tristano на големиот музички фестивал „Weather festival“ во Париз.

Практично, на покана на организаторите на фестивалот, гостувањето беше реализирано од страна на „Излет мјузик“ во соработка со „Тransmat – Detroit“. Како солист на пијано настапи светски познатиот Франческо Тристано, а од Македонија настапија Емин Џијан, како диригент и човек, кој е одговорен за оркестрациите, потоа челистката Маријана Николовска и Игор Иванов – Изи, кој беше задолжен за целокупната визуелизација, анимации и светло.

Концертот беше фузија од електронска и класична музика, фантастични светлосни ефекти, видео и аудио поддршка.

Настапот на Дерик Mеј со оркестарот Lamoureux под диригентство на Џијан го отвори годинашното издание на фестивалот, кој се одвива на површина од 100 000 метри квадратни под отворено небо. Во рамките на овој престижен фестивал годинава настапуваат преку 70 артисти на 5 различни сцени. А Меј настапи со симфониска формација од 40 музичари.

„Концертот во Париз помина фантастично. Публиката буквално „урлаше” по завршетокот на секоја композиција. Навистина убаво чувство и потврда дека ова што го правиме е добро, бидејќи за мене секогаш публиката е таа која одлучува. Настанот се случи во рамките на локација во прекрасниот парк во срцето на Париз – „Bois de Vincennes“ . Паркот е три пати поголем од Централ Парк во Њујорк и содржи: ботаничка градина, зоолошка градина, хиподром, 4 езера…. Навистина импресивна локација. Имавме прилика да работиме со еден од најбитините оркестри во Франција. Овој оркестар е основан 1881 и има одиграно клучна улога во музичкиот живот во Франција, а и во светот, затоа што има премиерно изведувано некои од делата на великаните Клод Дебиси и Морис Равел. Покрај Меј, како солист на пијано настапи и светски познатиот Франческо Тристано, кој покрај тоа што веке има сериозна кариера во светот на сериозната музика има и кариера во светот на електронската музика. Навистина прекрасна личност и неверојатен музичар. Среќен сум што имаме ваков човек како дел од тимот. Сакам да напоменам дека целосната продукција на проектот беше во рацете на македонска екипа, што посебно ме радува. Маријана Николовска настапи како солист, Бојан Угриновски зад микс пултот, а светлосните и визуелните ефекти беа во рацете на Игор Иванов Изи“, вели Емин Џијан.

Концертот го сними Арте Тв, една од најпознатите европски телевизиски куќи кои промовираат културна програма , што на проектот му дава уште едно големо значење.

Целиов овој проект започна мината година под наслов „Музика Универзалис“ кога Меј настапи заедно со Македонската филхармонија во Античкиот театар во Охрид. И тогаш организаторите ветија дека тоа ќе биде почеток на еден циклус од настани, кои ќе дадат нова вредност не само во нашиот културен живот, туку и на светската сцена.

Следниот настап кој го планираат од „Излет мјузик“ и Дерик Меј ќе биде реализиран на 14 август во Детроит заедно со Детроитскиот симфониски оркестар под диригенство на Емин Џијан.

Дерик Меј е еден од пионерите на техно-сцената во Детроит, а критиката го нарекува Мајлс Дејвис во светот на техно-музиката поради неговиот оригинален, комплексен и меланхоличен стил. Од ладните и безживотни машини, Меј создава топлина, продуховеност и фантастична инспирација. Неговите настапи се познати по тоа што тој има ретка моќ публиката да ја доведе до лудило. Овој негов најнов проект со симфониски оркестар, ја соедини артифициелната музика со благородниот звук на класичните инструменти.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП