3 мај, 2024
ПочетнаКУЛТУРАМинистерката за култура Канческа–Милевска во работна посета на Будимпешта

Министерката за култура Канческа–Милевска во работна посета на Будимпешта

kanceska-milevska

Министерката за култура Елизабета Канческа–Милевска денеска престојува во еднодневна работна посета на Будимпешта, Република Унгарија.

Во рамките на посетата, министерката за култура ќе има средба со својот унгарски колега Петер Хопал на која ќе бидат разменети мислења и идеи за досегашните активности и идната соработка во областа на културата меѓу двете земји.

Македонија и Унгарија негуваат одлични културни врски кои се потврдени и со Програмата за културна соработка за периодот 2014-2016 година, потпишана за време на официјалната посета на премиерот Виктор Орбан на Република Македонија, во декември 2013-та година.

Во текот на посетата, Канческа-Милевска во Будимпешта ќе реализира и интервју за престижниот весник „Magar Hirlap“ (Маџар Хирлап/Унгарски вести), кој е меѓу првите пет најчитани весници во Унгарија со тираж од над 28 илјади примероци.

Во Националниот театар во Будимпешта, во рамките на второто издание на реномираниот театарски фестивал „Митем“, вечерва пред унгарската театарска јавност Македонскиот народен театар ќе ја изведе „Вечната куќа“ од Јордан Плевнеш, во режија на Дејан Пројковски, една од најкомплексните претстави од македонската театарска продукција. Македонскиот народен театар е единствен учесник од Балканот на фестивалот, кој од 10 до 26 април се одржува во организација на Националниот театар од Будимпешта. Во рамките на фестивалот, освен ансамблот на МНТ, настапуваат уште 20 реномирани театарски куќи од 13 држави од Европа, меѓу кои: „Бург театар“ од Австрија, данскиот „Один театар“, „Талија“ од Хамбург и многу други.

Националниот театар од Будимпешта на 2 јуни ќе биде гостин на Македонскиот народен театар при што ќе биде потпишан Меморандум за соработка меѓу двете институции.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП