Ризиците за светскиот финансиски систем зајакнаа во изминатите месеци, констатираше во најновиот извештај Меѓународниот монетарен фонд, издвојувајќи го остриот пад на цената на нафтата и осцилацијата на валутите курсеви, но и ниските камати во развиените држави.
Особено тешко се погодени државите кои извезуваат нафта, а одделни економии во развој трпат негативни последии од силните осцилации на валутните курсеви, појаснува ММФ во пролетниот извештај за стабилноста на светскиот финансиски систем, пренесува BBC.
Ниту во развиените држави стабилноста не е целосно загарантирана, истакнува ММФ.
„Ризиците за светскиот финансиски систем зајанаа од октоври и се пренасочени кон деловите од системот во кои е потешко да бидат проценети и отстранети“, констатираше ММФ.
Падот на цената на нафтата и на останатите стоки поволно влијане на изгледите за светскиот економски раст, но претставува голем предизвик за државите и за компаниите-извозници, толкуваат од ММФ.
Проблем за одделни економии во развој се и движењата на девизните пазари, забележува ММФ и особено го издвојува јакнењето на доларот што го отежнува повратот на долгот на компаниите и на владите кои се задолжени во американската валута.
Овој проблем би можел дополнително да се влоши откако американската централна банка ќе започне да ги крева клучните каматни стапки во втората половина од годината. Можно е се да помине глатко, но можно е да има нови осцилации на девизните курсеви, напоменува ММФ.
За групата развиени држави се издвојуваат ниските каматни стапки кои благотворно влијаат врз економијата, но донесуваат и проблеми за финансискиот систем, особено на поедини европски осигурители.