12 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАРуски и ирански компании разгледуваат услови за размена на стоки

Руски и ирански компании разгледуваат услови за размена на стоки

rusija-iran

Руските и иранските компании разгледуваат услови за договор за стокова размена кој нема да вклучува испораки на нафта, изјави во средата рускиот министер за енергетика Александер Новак, а истовремено руското министерство за надворешни работи ги отфрли обвинувањата од Германија поради решението да се симне ембаргото на испораката за Иран на ракетните системи С-300, за кои истакна дека се одбранбена опрема што според Москва е апсолутно легално.

Руските функционери во понеделникот најавија дека Русија ќе испраќа житарки, опрема и градежен материјал за Иран во размена на нафта за стока, што е прв чекор во осигурувањето на упориште на новиот пазар откако Западот ѝ наметна санкции на Русија поради нејзината наводна вмешаност во конфликтот во источна Украина.

Меѓутоа, оваа најава предизвика недоумици на пазарите на нафта и на житарки, па трговците објавуваа дека не се регистрирани испораки на нафта, ниту снабдување со житарки.

Рускиот министер за енергетика, Александер Новак за медиумите изјави дека договорот не предвидува никакви испораки на нафта за Русија или, пак, дека Русија испорачува на други пазар, пренесува Reuters.

„Се водат преговори меѓу компаниите, тие работат на условите. Не предвидуваме никакви испораки на нафта. Не разгледуваме испораки на иранската нафта на глобалните пазари …. Тие може слободно самите да испорачуваат нафта на пазарите, доколку им бидат укинати санкции“, рече Новак.

Истовремено, Москва ги отфрли обвинувањата за одлуката за испорака на руските ракетни противвоздушни системи С-300 кои Иран ги плати, и ја предупреди руската страна за непочитувањето на договорот.

„Секогаш се залагавме за неопходноста од колективните координирани дејствија во сферата на политиката на санкциите на меѓународните заедница што подразбира почитување на ексклузивните овластувања на Советот за безбедност при ОН. Кога САД и членките на ЕУ, вклучително и Германија, спротивно на тој принцип воведоа нелегитимни еднострани санкции против Иран, ниту германскиот канцелар, ниту кој и да е од западните челници не ја споменуваа потребата до заедничкото дејствување“, одговори извор од руското министерство за надворешни работи на Руската Федерација за агенцијата РИА.

Претходно германската канцеларка Ангела Меркел ја критикуваше одлуката на Русија да ја укине забраната за испорака на Иран на ракетниот систем С-300.

„Не можеме да ги прифатиме критиките на адреса на Русија во врска со нејзината одлука да го прекине периодот на доброволното одлагање на испораката во Иран што е сосема легално, бидејќи не станува збор за забранети системи. Ваквиот пристап е особено чуден в заднината на опсесијата на Берлин да го следи Вашингтон во наметнувањето на едностраните рестрикции како инструмент на надворешната политика“, додал неименуваниот соговорник на агенцијата.

Продажбата на пет баталјони од типот „С-300ПМУ-1“, во чиј состав се 40 лансери, беше договорена во 2007 година. Три години подоцна реализацијата на договорот кој се проценува на 800 милиони американски долари, беше суспендирана од страна на Москва поради меѓународни санкции, воведени против Иран поради неговата нуклеарна програма за којашто Западот стравува дека има цел да произведен атомско оружје, што Техеран го негира.

Портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков во понеделникот објави дека претседателот Владимир Путин донел одлука за укинувањето и оти тоа е правно регулирано. „Нема што да се додаде по прашањето за укинувањето на испораката (С-300 на Иран). Тоа е прашање законската регулатива“, изјави Песков на брифингот со западните новинари во Москва на прашањето дали оваа одлука може да ги комплицира односите со Израел и да им даде аргументи на страните, кои се противат на договорот меѓу Иран и шесте светски сили.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП