2 мај, 2024
ПочетнаКУЛТУРААлмодовар снима нова драма во Мадрид

Алмодовар снима нова драма во Мадрид

pedro-amodovar

Прославениот шпански филмски режисер, 65-годишниот Педро Алмодовар кој поради операцијата на грбот имаше намера да ја напушти кинематографијата, подготвува нова филмска драма за жените под наслов „Silencio“ (Тишина), чиешто снимање ќе започне во мај во шпанската престолнина Мадрид.

„Мрачната драма говори за женскиот свет, но со помалку барок и со помалку хумор“, најавува Педро Алмодовар, режисер кој во осумдесеттите години од минатиот век ја шокираше конзервативната Шпанија со контроверзните филмови за хомосексуалноста, либералните ставови, човечките трауми и проблематичните општествено неприфатливи односи.

Дејствието на споменатата драма, којашто ќе го заокружи неговиот опус од дваесет филмови, се одвива во периодот од 1980-те до денес, и во неа ќе се појават две познати шпански актерки,кои досега не глумеа во неговите дела. Станува збор за 51-годишната Ема Суарез и 30-годишнара Адриана Угарте, кои ќе го толкуваат ликот на иста жена во сегашноста и во младоста. „Воопшто не ми се допаѓа претераната работа со шминка за да се постигне стареење на личноста и затоа се одлучив за две различни актерки, но исто така и за фантазијата на гледачот“, појаснува Алмодовар.

Публиката низ период од три децении ќе ја запознае сегашноста и минатото на една жена, одбележени со болка, и ќе го следи напуштањето на драгите лица и серијата трансцендентални патувања низ нејзината биографија. „На секое од тие патувања таа напушта некој битен, или нешто важно во својот живот. Но најзначајно е напуштањето на сопствената ќерка адолесцентка, која ја напушта без појаснувања, без позната причина. Некој кој ти претставува сé во животот, одеднаш станува безначаен“, посочува Алмодовар.

Насловот на филмот „Тишина“ се однесува во прв ред на мајката, а потоа и на ќерката. Во првиот дел дејствието се одвива на улиците на Мадрид, а пота се преселува на крајниот север од Шпанија, во покраината Галиција, па скршнува во планината Хуелва, на североистокот, и на крајот се поместува на Пиринеите, во покраината Арагон. Таквиот премин на локациите на развојот на дејствието не е карактеристичен за Алмодовар. „Пејзажите ми служат како метафора и како опис на личностите. Тука оддалеченостите се многу важни“, истакнува режисерот. Патувањата од југ на север не се само физички, туку и емоционални, додава.

„Оваа приказна ја имав во фиоката уште во 2011 година, но ја оставив таму за да процути“, вели уште Алмодовар. Истакнува дека имајќи ја предвид економската криза во неговата татковина, веројатно не е најдобриот момент за снимање филм кој бара работа во различни делови од земјата, но ваквата идеја била „посилна од другите“.

Амодовар една година паузираше од работата на филм поради операцијата на грбот од која сé уште заздравува. Тврди дека чувствувајќи физичка слабост размислувал за напуштање на кинематографијата. „Тоа ми мина низ главата, но бидејќи денес во мода се враќањата, одлучив повторно да работам. Мислев да му се посветам само на пишувањето, да се соживеам со улогата на некој кој пишува за сопственото искуство, како новинарите кои пишуваат за патувањата или, пак, како романописците“, вели славниот режисер.

„Физички не се чувствував способен да снимам филмови. Операцијата ме направи несигурен. Меѓутоа увидов дека другите работи не се дел од мене. Сакал или не тоа да го признам, филмовите ме исполнуваат. Снимањето ме оживува, но истовремено и ме казнува“, појаснува Алмодовар.

Последниот негов филм беше комедијата „Патници љубовници“, снимената во 2013 година. Меѓу неговите најпознати дела се „Високи потпетици“, „Сé за мојата мајка“, „Зборувај со неа“, „Враќање“, „Прекинати прегратки“, Кожата во која живеам“ и „Лошо воспитување“.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП