5 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАПодобренaта бизнис клима ја крена цената на нафтата

Подобренaта бизнис клима ја крена цената на нафтата

nafta 300

Цената на нафтата порасна денеска на светските берзи бидејќи подобреното деловно расположение во Франција и во Германија ја притиснаа во втор план загриженоста поради прекумерната понуда.

На лондонската берза цената на барел сирова нафта порасна 32 центи во однос на претходното затворање, на 55,43 долари за барел. На американската берза со барелот се тргува по речиси непроменета цена од 47,74 долари.

Бизнис климата во Германија, најголемата европска економија, во март забележа подобрување петти месец по ред, при што индексот на деловната клима што го изработува институтот Ifo достигна највисоко ниво од јули 2014 година, од 107,9 поени.

Кон позитивниот тренд се придружи и Франција, втората по големина европска економија, чиј соодветен индекс во март достигна највисоко ниво за речиси три години.

Американскиот пазар, пак, го притисна натамошниот раст на залихите на сировата нафта, за 4,8 милиони барели во минатата недела, покажаа во вторникот податоците на Американскиот институт за нафта (API), со што вкупните залихи на сирова нафта надминаа рекордни 450 милини барели.

И кинеските залихи на сирова нафта се на највисоко ниво во историјата, со тоа што комерцијалните и стратегиските складишта се речиси целосно пополнети, рече во средата директорот на кинеската компанија Sinopec. Со оглед на тоа, кинескиот увоз на нафта, веројатно во оваа година ќе стагнира или незначително ќе порасне, додаде директорот на Sinopec.

Кина ги искористи пониските цени на нафтата за да ги пополни стратешките резерви, поради што кинескиот увоз на нафта кон крајот на минатата година достигна рекордно ниво и покрај најбавниот раст на економијата во изминатите 25 години.

„Иако пазарот треба да знае дека побарувачката поврзана за кинеските стратешки резерви нема да трае вечно, беше тешко да се предвиди кога истата ќе биде намалена“, истакна Даниел Анг, инвестициски аналитичар на компанијата Phillip Futures.

Аналитичарите од Меѓународната агенција за енергетика (IEA) и на Организацијата на држави извознички на нафта (OPEC) проценуваат дека светската побарувачка за нафта моментно е за 1,5 милиони барели дневно помала од просечното производство и дека равнотежата најверојатно нема да биде обновена пред втората половина од годината.

Тоа значи дека залихите ќе растат и во следните месеци и ќе ја притискаат цената на нафтата.

OPEC во меѓувреме објави на своите интернет страници дека цената на барелот кошничка негова нафта во вторникот изнесуваше 50,92 долари, што значи дека порасна за 62 центи во однос на претходниот трговски ден.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП