6 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАПоддршка од ЕБОР за развој на пазарите на капитал во Бугарија, Хрватска...

Поддршка од ЕБОР за развој на пазарите на капитал во Бугарија, Хрватска и Македонија

dogovor ebor

Со грант од ЕБОР во висина од 540.000 евра и заедничко учество на Бугарската, Македонската и Загрепската берза во износ од 80.000 евра ќе се креира техничко решение за електронски систем за прекугранично пренасочување на налозите за тргување.

Носител на грантот е друштвото СЕЕ ЛИНК ДОО Скопје, компанија основана од Бугарската, Македонската и Загрепската берза, а се очекува техничкото решение, со кое ќе се обезбеди платформа за тргување со хартиите од вредност котирани на трите берзи, да биде функционално за една година.

„Првпат за идејата за регионално поврзување на трите берзи слушнав пред две години во Загреб. По две години преговори и комуникација конечно сме тука во Скопје за да го потпишеме договорот за грант. Сите три берзи имаат своја визија за која сум среќен што ЕБОР може да ја поддржи“, рече претставникот на ЕБОР, Јацек Кубаш пред потпишувањето на договорот.

Тој посочи дека основањето на компанијата СЕЕ ЛИНК е значајна иницијатива чија цел е зголемување на ликвидноста на пазарите на капитал во Југоисточна Европа.

„ЕБОР со задоволство ги поддржува активностите на регионалната иницијатива кои придонесуваат за подобрување на можностите за зголемено финасирање преку пазарите на капитал. СЕЕ ЛИНК ќе придонесе за стандардизација и подобрување на финансиски услуги во регионот, правејќи ги поатрактивни за меѓународни инвеститори, вклучувајќи ја и ЕБОР“, нагласи Кубаш.

Директорката на Загрепската берза, Ивана Гажиќ рече дека ЕБОР е можеби единствената институција која сфати дека берзите во регионот имаат и друга функции како транспарентноста и корпоративното управување кои се многу важни за развој на националните економии.

„Силно веруваме во успехот на проектот и мислиме дека го пронајдовме моделот што може да ги зајакне регионалните пазари. Вниманието што овој проект веќе го привлече од страна на финансиската заедница во оваа рана фаза сигурно го докажува тоа“, нагласи Гажиќ.

Извршниот директор на Бугарската берза, Иван Такев изрази надеж дека тимскиот дух што го покажале трите берзи ќе се покаже и во иднина во проектните активности.

„Нашиот заеднички проект се развива брзо и успешно, а ние сме охрабрени од првичниот интерес покажан од инвеститорите. Се надевам дека проектот ќе биде од големо значење за развојот на економиите на трите земји“, рече Такев.

Тој рече дека поврзување на берзите има и во други делови на светот и оти има пример и на регионално поврзување на седум берзи.

Главниот извршен директор на Македонската берза, Иван Штериев потенцира дека веќе подолг временски период им било приоритет некаков вид на регионално поврзување.

„Не очекува уште многу работа, но сигурни сме дека трите берзи имаат визија, идеја и посветеност овој проект да го доведат до конкретна реализација и во иднина да понудат посовремено и атрактивно решение за тргување на сите берзи што ќе бидат вклучени во него. Неодамнешното формирање на заедничка компанија и обезбедувањето поддршка од ЕБОР се многу охрабрувачки чекори за успешно креирање на функционален модел на поврзување кој ќе биде од корист за сите учесници на регионалните пазари на капитал“, истакна Штериев.

Тој појасни дека финалното технолошко решение ќе им даде можност на членките од сите три берзи за директно разменување на налозите за тргување помеѓу себе. Поврзувањето, како што рече, нема да биде директно на трговските системи на берзите, туку на позадинските системи за брокерско работење.

„Се процени дека поврзувањето на брокерите е она што му треба на регионот во функција на поврзување на пазарите“, појасни Штериев.

Трите директори очекуваат да се раздвижат берзите и велат дека постои интерес од инвеститорите од трите земји за акциите на секоја од берзите.

Директорката Гажиќ посочи дека хрватските инвеститори особено се заинтересирани за акциите на Алкалоид, бидејќи, како што рече, во Хрватска нема ниту една фармацевтска компанија која котира на берзата.

„Тоа е сектор кој на инвеститорите им е многу интересен во кризни времиња, бидејќи се смета за дефанзивен. Но, тоа е само еден од примерите, а јас гледам примери и во прехранбената индустрија“, рече Гажиќ.

Извршниот директор Такев, пак, посочи дека кај бугарските инвеститори има значителен интерес за македонските акции.

„Пензиските фондови во Бугарија се шират кон другите пазари и природно е да сакаат да бидат присутни и во Македонија. Доколку нема заеднички интерес за секоја од трите берзи денешниот проект нема да има никаква логика. Фактот што се трудиме да го реализираме е доволен доказ за интерес на секоја од берзите кон другите две“, нагласи Такев.

Берзите од Бугарија, Македонија и Хрватска во мај годинава ја формираа заедничката компанија СЕЕ ЛИНК со седиште во Скопје во која секоја од нив има еднакво учество во вкупната основна главнина на друштвото.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП