18 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАТрибина: „Либерализација на електроенергетскиот сектор во Република Македонија“

Трибина: „Либерализација на електроенергетскиот сектор во Република Македонија“

dalekovodi2900

Досега нема проблеми во имплементацијата на втората фаза од либерализацијата на пазарот на електрична енергија и постои добра соработка меѓу клучните учесници на пазарот, вклучувајќи ја и Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ).

Ова е главниот заклучок на трибината на тема „Либерализација на електроенергетскиот сектор во Република Македонија“, во организација на ФЕИТ и МАКО СИГРЕ на која дебатираа претставници од РКЕ, ЕЛЕМ, МЕПСО, ЕВН и ЕДС.

Беше посочено дека втората фаза од либерализацијата на пазарот е поуспешна од првата и оти не се очекуваат проблеми при понатамошната либерализација. Во третата фаза на либерализацијата очекуваат намалување на цената за малите потрошувачи, но не и за домаќинствата. Доколку домаќинствата сега излезат на слободниот пазар цената на електричната енергија за нив би била нешто повисока од регулираната.

Претставникот на РКЕ Марко Бислимовски истакна дека најголемиот товар од либерализацијата ќе падне врз операторите на дистрибутивните системи кои ќе треба да оперираат со поголем број на потрошувачи. Очекува од 1 јануари идната година поголемиот број од 70-те илјади мали потрошувачи да излезат на слободниот пазар на електрична енергија заради намалување на нивните трошоци.

Антонио Ивановски од ЕЛЕМ рече дека искуствата во првите три месеци од втората фаза на либерализацијата покажале дека конзумот им се намалил за 40 до 50 гигават часови електрична енергија месечно, количина што можат да ја продаваат на слободниот пазар.

„За третата фаза останува да се утврди бројката на домаќинствата кои ќе се префрлат на слободниот пазар, односно од снабдувач во краен случај на снабдувач. Тоа е бројка што е доста шпекулативна за да се оценат количините кои би се ослободиле за да може ЕЛЕМ да ги продава. Сепак со добра оптимализација на производството и овој проблем е решлив“, рече Ивановски.

Илија Близнаковски од МЕПСО потенцира дека операторите на дистрибутивните ситеми добро се справија со втората фаза од либерализацијата на пазарот и додаде дека главниот товар ќе биде кај нив и во понатамошната либерализација.

„На почетокот на либерализацијата имавме проблеми кои се решаваа во од. Очекувам при натамошната либерализација да нема проблеми“, рече Близнаковски.

Гунтер Брамбек од ЕВН нагласи дека ЕВН Австрија има 12-годишно искуство во снабдувањето на домаќинствата на слободниот пазар на електрична енргија поради што, како што рече, не очекува проблеми во Македонија.

„Не гледам дека ќе има проблеми и во третата фаза од либерализацијата, бидејќи за самата дистрибуција не се менува многу. Ние всушност ја пренесуваме електричната енергија од преносникот до корисникот и ги собираме податоците што веќе функционира“, потенцира Брамбек.

Истакна дека цената до крајниот корисник во Македонија е околу 8 еврo центи по киловат час, додека во најголем дел во земјите од ЕУ е околу 20 евро центи.

„Сметам дека ниските цени може да ја попречат конкуренцијата кај домаќинствата, но секако не кај индустријата и деловните корисници“, рече Брамбек.

Тој посочи дека искуствата од другите земји покажуваат дека на почетокот на либерализацијата на пaзарот можеби е можно и мало намалување на цената на електричната енергија зашто конкурентите сакаат да стекнат поголем удел на пазарот, но потоа повторно растат.

Претставникот на Енерџи деливери солушн (ЕДС) Златко Черепналкоски смета дека сите учесници на пазарот на електрична енергија во Македонија покажале добра кооперативност и високо ниво на стручност.

„Ако се земат предвид пазарните цени во однос на тарифните цени кои важеа пред потрошувачите да излезат на слободниот пазар се гледа дека се намалени во просек по 20 евра за мегават час или 20.000 евра за гигават час електрична енергија. Од тоа произлегува дека 700-те гигават часови кои очекуваме дека ќе се потрошат во првата година после отворањето на пазарот ќе обезбедат 14 милиони евра заштеда за сите средни компании кои од 1 април годинава излегоа на слободниот пазар“, рече Черепналкоски.

Тој посочи дека во Европа генерално има мала миграција на потрошувачи од еден снабдувач во друг. Очекува огромниот број од 70.000 претпријатија кои имаат можност да излезат на слободниот пазар од 1 јануари идната година доколку тарифите за снабдување во краен случај останат какви што се. За домаќинствата вели дека доколку сега излезат на слободниот пазар најверојатно цената би била нешто повисока од регулираната која во моментов просечно изнесува околу 71 евра за мегават час без ДДВ.

Либерализацијата на пазарот на електрична енергија во Македонија започна во април 2007 кога големите потрошувачи 55 отсто од потребите требаше да ги набават на слободниот пазар, а од 1 јануари 2008 и целосно да ги набават на слободниот пазар. Втората фаза од либерализацијата беше одложувана неколку пати и конечно почна да се спроведува од 1 април годинава кога на слободниот пазар излегоа околу 250 квалификувани потрошувачи. Во третата фаза која треба да почен од 1 јануари идната година на слободниот пазар ќе може да излезат 70.000 претпријатија и 630.000 домаќинства.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП