24 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАПотенцијал за вработување на жените од етничките малцинства на пазарот на трудот

Потенцијал за вработување на жените од етничките малцинства на пазарот на трудот

sade

Деновиве излезе од печат публикацијата „Потенцијал за вработување на жените од етничките малцинства на пазарот на трудот“ подготвена како резултат од истражувањето поддржано од Проектот на УСАИД за граѓанско општество, кој го спроведува Фондацијата Отворено општество – Македонија. Иницијативата за ова истражување беше поттикната од високите стапки на неактивни и невработени жени од етничките малцинства во Република Македонија. Тргнувајќи од горенаведеното, Здружението на граѓани „Економско образование на млади менаџери“ – Junior Achievement Македонија (JA) се одлучи да спроведе истражување со цел да се согледа потенцијалот и подготвеноста за вклучување на пазарот на трудот на жените од етничките малцинства по извршените обуки во рамките на проектот финансиран од ИПА фондовите на Европската Унија „Работен клуб за невработени жени од етничките малцинства – обука, посредување, самовработување“. Со овој проект 282 жени успешно ги завршија обуките, од кои 58 завршија обуки за самовработување, 127 посетувале обука на работно место, 97 обуки за стекнување на вештини за работа, а 36 жени се вработиле. Една од многубројните придобивки од овој проект е зголемената  мотивација на жените за барање работа (81%),  а  планираат да се самовработат во иднина 93%, доколку им се овозможи неопходна поддршка за самовработување.

Во публикацијата се сублимирани резултатите од истражувањето кое беше спроведено во периодот од февруари дo мај 2014та година. Истражувањето е достапно на  веб страницата   http://civilsociety.mk

Со истражувањето беа опфатени жените од маргинализираните групи од урбани и рурални средини. Според национална припадност 40% од испитаничките се Албанки, а 60% се Ромки. Најголем дел од жените опфатени со анкетата се до 25 годишна возраст или 40% од целиот примерок (68% Ромки, а 32% Албанки).

Најголем број од анкетираните жени имаат завршено основно образование 34%, од кои 63% се Ромки, а Албанки 37%.

Резултатите од истражувањето не се репрезентативни на ниво на целата популација, туку само на оние испитанички од етничките малцинства кои беа опфатени со проектот:„Работен клуб за невработени жени од етничките малцинства – обука, посредување, самовработување“.

,,Сметаме дека истражувањето ќе обезбеди важни податоци за проценка на состојбата на вработеност на жените од етничките малцинства со цел да се развијат програми за обуки со кои ќе го подобрат својот работен потенцијал”, изјавија од „Економско образование на млади менаџери“ – Junior Achievement Македонија (JA) .

 

Со истражувањето се дојде до следниве заклучоци и препораки:

  • Развивањето на вештините преку сите облици на едукација и обуки е основен елемент во подобрувањето на вработливоста и продуктивноста на маргинализираните жени, а како значаен инструмент за намалување на сиромаштијата и исклученоста. Образованието и вештините може да им овозможат на маргинализираните жени  да излезат од кругот на несоодветно образование, неквалитетни обуки, ниска продуктивност и неквалитетни и лошо платени работни места;
  • Заедно со мерките за поголемо вклучување на Ромките во образовниот систем, потребно е истовремено да се третираат и прашањата на дискриминација во поглед на пристап до работа и остварување на еднакви приходи при извршување на работа од еднаква важност;
  • Потребно е да се спречи долгорочната невработеност и економска исклученост, бидејќи цената за повторно вклучување во пазарот на трудот е многу поголема;
  • Промоција на најдобрите практики за женско претприемништво и градење на капацитети на национални и регионални женски претприемачки мрежи;
  • Неформалниот сектор е сè уште најраспространетата форма на работење на жените од малцинските групи. Мерките и политиките треба да бидат насочени кон интегрирање на неформалната во формалната економија;
  • Неопходно е да се иницира поголема соработка со организациите на работодавачите и синдикатите од една страна и помеѓу државата и приватниот сектор. Соработката и поддршката треба да продолжат сè до чинот на вработување;
  • Поголема финансиска поддршка за невработените жени кои ќе започнат свој бизнис како и менторство за потенцијални жени претприемачи;
  • Систем за охрабрување и поддршка на претприемништвото со квоти за повисоко учество на жените. Ова вклучува обука, активности за поттикнување на претприемачкиот дух кај жените и за зголемување на свеста за женското претприемништво;
  • Низа фискални мерки како воведување на пониски давачки за start-up претпријатијата, и оние работодавачи кои ќе обезбедат договор за вработување на жени;
  • Изработка на сеопфатна анализа за состојбата на женското претприемништво за да се утврдат потребите за доквалификација, надминување на родовиот јаз и за поголемо вклучување во работните процеси;
  • Водење на активни политики за вработување, со поддршка за самовработување  и со кредитирање на активни програми и мерки насочени кон вработување на жените може да се постигнат очекуваните резултати.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП