4 мај, 2024
ПочетнаКОМПАНИИАнализа за пазарите на капитал

Анализа за пазарите на капитал

savings

Од почетокот на месец мај глобалните пазари на капитал  беа под влијание на објавувањето на добивките од компаниите и податоците за макроекономската активност на земјите. Најголемо влијание врз пазарите имаше изјавата за можни поекспанзивни монетарни мерки на Европска Централна Банка (ЕЦБ) со цел подобрување на макроекономските индикатори во еврозоната.

tabela-npf

На последната седница одржана на почетокот од месец мај, ЕЦБ повторно не превзема мерки за спроведување на поекспанзивна монетарна политика, но изјавата на Драги дека ECB е  “comfortablе to act next time”, може да значи дека веќе на следниот состанок од почетокот на јуни  ќе се воведат нови мерки кои поддржуваат поекспанзивна монетарна политика. Како опција се споменуваат намалување на референтната камата стапка, негативна стапка на депозитите во ЕЦБ или квантитативно олеснување.

На почетокот од месец мај имаше објави на растот на БДП во еврозоната. Германската економија имаше раст повисок од очекувањата и истиот изнесуваше 0,8%(QoQ), а француската имаше истотака раст од 0,8%(QoQ), но се очекуваше 0,9% од страна на аналитичарите. Значајно полош резултат на БДП имаа Италија и Холандија и тоа Италија имаше пад од 0,1%(QoQ) и Холандија од 1,4% (QoQ).

Markit Composite PMI индикаторот според последните објави имаше влошување кај некои земји од периферијата и Франција и имаше подобрување во Германија. Францускиот Markit PMI е повторно под 50 поени. Заради послабите резултати на француската економија, како што е и падот на индустриското производство, француската влада најави намалување на даноците, кое пак од друга страна сеуште не е јасно како ќе се финансира, имајќи ја во предвид повисоката задолженост на оваа земја.  Индикаторот за економскиот сентимент во еврозоната за првпат после април 2013 година има пад, кој според аналитичарите најмногу се должи на кризата во Украина. Сепак, во однос на очекувањата на менаџерите и влијанието на кризата во Украина врз нивните компании, тие во текот на овој месец се попозитивни во однос на претходниот.

Растот на гермаската економија е клучен за растот на целата еврозона. Во изминатиот период, во Германија има тренд на пад на нарачките на компаниите, но е забележителен растот на домашната побарувачка.

Невработеноста во еврозоната е стабилизирана и изнесува 11,8% и  истата во одредени позначајни економии се намалува, но сеуште незначително. Зголемена е домашната побарувачка, малопродажбите и подобрена е довербата на потрошувачите. Според последните истражувања во банкраскиот сектор, банките очекуваат зголемена побарувачка на кредити од населението и компаниите во наредниот период, што претставува позитивен показател за идниот раст на европската економија. Инфацијата во еврозоната на годишно ниво изнесува 0,7% и е повисока од онаа од претходниот месец, кога истата изнесуваше 0,5%. Овој податок кој е сеуште на ниско ниво е најзначаен за понатамошните одлуки на ЕЦБ.

Во првата недела од месец мај, очекувања за раст објави Европската комисија.

Според оваа институција, инфлацијата во ЕУ ќе претставува ризик и во наредните две години, па така тие ги намалија очекувањата за нејзин раст на 0,8% во 2014 и 1,2% во 2014 година, што е пониско од таргетот од 2%.

Растот на БДП истотака е намален и истиот изнесува 1,7% за 2015 година, во однос на претходно проектираниот од 1,8%. Се очекува постепено намалување и на невработеноста и тоа истата да падне од 12% во 2013 на 11,8% во 2014 и 11,4% во 2015 година.

Најголемиот ризик за еврозоната претставува стагнирање на растот, што може да предизвика структурна невработеност и подолгорочни потешкотии во опоравувањето на економијата.

На крајот од месец април, повторно имаше намалување на откупот на државни и хипотекарни обврзници од страна на ФЕД и според излагањето, се очекува истиот да продолжи со таа динамика, па така до крајот на годината целосно да заврши програмата за квантитативно олеснување. Според ФЕД, американската економија веќе е на стабилни основи и се очекува и понатаму да расте, со намалување на стапката на невработеност и поттикнување на поголеми инвестиции од страна на компаниите. Во излагањето не беше споменато дека во блиско време ќе се случи зголемување на референтната каматна стапка.

Во текот на овој месец имаше објава за  растот на БДП за претходниот квартал за американската економија, кој изнесуваше само 0,1% што силно ги разочара очекувањата на инвеститорите, но немаше поголемо влијание врз движењата на пазарите, заради подобрите останати резултати од американската економија.  Овој лош податок како што кажавме и во претходните анализи, доаѓа пред се од лошите временски услови кои го зафатија САД во текот на зимата.

Останатите lagging индикатори за претходниот месец, како и оние водечките имаат подобрување. Особено значајни се оние водечките кои се индикација дека американската економија е сеуште во фаза на раст,  па така има раст на индустриското производство, зголеување на нарачките на трајни добра, подобрување на довербата на потрошувачите, раст на малопродажбите и сл.

Единствено стагнација на индикаторите има во секторот на недвижности во САД, под влијание на растот на хипотекарните каматни стапки, но сепак тие индикатори не се на некое алармантно ниво.

Стапката на невработеност во април падна на 6,3% и имаше силно подобрување на показателот за отворени нови работни мести (ADP : 220.000 vs.prior : 200.000) .

Во текот на овој месец имаше доста објави на превземања и спојувања, што дополнително имаше позитивно влијание на пазарите. Од позначајните ги издвојуваме понудата на Pfizer до AstraZeneca, понатаму комплетирањето на мерџерот на Microsoft и Nokia – mobile unit, понудата до Alstrom од Siemens и General Electric и сл.

Полоши податоци доаѓаат од кинеската економија. PMI Manufacturing индикаторот потврдува послаб раст на Кина во наредниот период, но истиот е во рамките на очекувањата на кинеската влада. Растот на БДП во првиот квартал од годината изнесуваше 7,4% во однос на консензусните очекувања од 7,3%.  Според кинеската влада нема потреба од дополнителен стимул, бидејќи сите параметри се во рамките на проекциите. Во оваа земја се случува криза на пазарот на недвижности, каде цените драстично паѓаат, што предизвикува и криза во банкарскиот сектор, кој и така е во полоша состојба веќе подолг период.

Кај земјите со поголем дефицит на трговската сметка за кои на почетокот од годината имавме негативен став за инвестирање, поголем дел од показателите почнаа да се менуваат. Нивните валути се стабилизираа на скоро 30% пониско од нивното највисоко ниво и тој процент е еднаков на оној од валутната криза со Тајландскиот бунт и Корејскиот вон. Се појавуваат првите знаци на опоравување на нивните трговски сметки.

Во текот на изминатиот месец имаше доста намалувања на очекувањата за добивките на компаниите, посебно во Европа, односно Велика Британија, каде надолната ревизија изнесува 1,6% од претходно очекуваните добивки. Сеуште постои силна дивергенца помеѓу очекувањата за раст на добивките во САД и Европа на што се должи и досегашниот подобар перформанс на американскиот индекс после финансиската криза во однос на европските индекси.

Консензусното очекување за раст на добивките за 2014 година за земјите во развој изнесува 8,4% во однос на 10,8% во 2013 година.

Инвестициите во акции сеуште се подржуваат со следните аргументи: ниските каматни стапки, очекуваната поекспанзивна монетарна политика на ЕЦБ, добрите макроекономски индикатори, зголемениот број на мерџери и аквизиции, зголемувањето на дивидендите и откупот на акции. Сепак, одредени услови не дозволуваат повторен висок раст, а тие се поскапите вреднувања на пазарите и намалувањето на очекувањата за раст на добивките во развиените земји. Сезонската односно техничката компонента, по нормализирањето на вкупните пазарни движења може да има одредено влијание врз движењето на пазарите.

Според тоа, очекуваме нормализиран раст на цените на акциите под влијание на растот на нивните добивки и притоа не гледаме некои поголеми ризици кои можат да предизвикаат силни падови на пазарите на капитал.

 

НЛБ Нов Пензиски Фонд А.Д. Скопје

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП