1 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАСоработка на бизнисот и науката за продуцирање и задржување на ИТ кадарот

Соработка на бизнисот и науката за продуцирање и задржување на ИТ кадарот

kompjuterii

Продуцирање квалитетен ИКТ-кадар за потребите на домашното стопанство и за новите странски инвеститори, задржување на квалитетните кадри од оваa област во Македонија, обезбедување поддршка на научните трудови и иновации на факултетскиот кадар и на студентите.

Toa се клучните цели на Меморандумот за соработка што беше потпишан денеска помеѓу раководствата на ИКТ Комората при Сојузот на стопанските комори на Македонија (ССК) и државните и приватните факултети од ИКТ-областа во Македонија.

Годишно на ИКТ-факултетите во целата држава се запишуваат најмалку илјада студенти, од кои најмалку половина стасуваат до диплома. Анализите покажуваат дека покрај дипломираните бизнисот имаат потреба за уште 40-ина проценти.

– Од годишната продукција недостигот што се јавува кај ИТ компаниите е 30 до 40 проценти.

Растот на ИТ индустријата е таков што и покрај продукцијата на наредната генерација  повторно секоја година имаме недостиг од кадар, рече Сашо Огненовски, претседател на ИКТ комората при ССК.

Според него, факултетите од ИКТ креираат висококвалитетен и обучен кадар од сите области способен да одговори на предизвиците на својата професија. – Дека ова не се празни зборови, за жал на домашната ИКТ-индустрија, покажува и фактот што многу млади луѓе од овие факултети се вработуваат во меѓународни компании надвор од границите на Македонија. Затоа една од многуте теми за разговор со факултетите е задржувањето на квалитетните кадри во Македонија, посочи Огненовски.

Министерот за информатичко општество и администрација Иво Ивановски укажува дека се прават напори за надминувањето на состојбата студентите од ИКТ факултетите да не го  дозавршуваат образованието. Најголем дел не дипломираат, појасни, затоа што имаат вработување уште во трета година од студирањето.

– За жал, не дипломираат бидејќи добиваат добра понуда и се добри програмери. Веќе во трета година имаат работен однос. Од анализата што ја направивме со Агенцијата за вработување може да се види дека од оние што се водат под Агенцијата за вработување најголем дел имаат приватен бизнис, голем дел работат аутсортинг за странство, а има мал дел на кои им е потребна доедукација за да можат да се вклучат во берзата на трудот и кога ќе одат на интервју да им биде понудена работа, рече Ивановски.

Поради тоа, додаде, веќе три години во соработка со приватниот сектор спроведуваме акции за дошколување на дипломираните за различни програми и се што бара приватниот сектор. – Во Скопје има недостиг на ИТ кадар бидејќи тука е фокусот и на домашните и на странските инвеститори, но надвор од Скопје има добар потенцијал што може да се искористи, укажа Ивановски, посочувајќи на одлуките за проширување на компаниите „Сивус“ која објави оглас за 400 вработувања, на хрватската „Космик“, со уште 50 вработувања, и на англиската „Ендава“, која најави вработување на 400 ИКТ професионалци.

Според Ивановски, потребен е фокус на дополнување на програмите и повеќе практична работа за да може најголем дел од оние што дипломираат да бидат квалификувани како добри и солидни и да не бидат товар за доедукација на приватниот сектор.

Потписници на Меморандумот за соработка со ИКТ комората при ССК се Универзитетот Св.Апостол Павле од Охрид, Факултетот за информатички науки и компјутерско инжинерство ФИНКИ, Факултетот за информатика при Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип, Факултетот за електротехника и информациски технологии ФЕИТ, Факултетот за компјутерска техника и информатика Американ колеџ и Факултетот за информациско комуникациски технологии на ФОН. Според најавите на Владата, од наесен треба да почне со работа и новиот факултет за информатички и комуникациски технологии, при Универзитетот Св. Климент Охридски во Битола.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП