2 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАНБРМ: Продолжуваат поволните трендови во економијата

НБРМ: Продолжуваат поволните трендови во економијата

nbrm

Во првиот квартал од годинава македонската економија ги задржа поволните трендови кои преовладуваа во 2013 година со реален раст на БДП од 3,1 отсто, констатира Комитетот за оперативна монетарна политика на НБРМ.

– Показателите за индустријата и градежништвото покажуваат понатамошен раст на активноста во овие сектори, во услови на постепено закрепнување на странската побарувачка, раст на активноста на новите капацитети и фискален стимул во градежниот сектор. Оцените и понатаму покажуваат дека растот на економијата нема да предизвика поголеми нерамнотежи во економијата. Постепеното намалување на инфлациските притисоци се потврди и со најновите податоци за трошоците за живот за март 2014 година.

Имено, инфлацијата сѐ уште забавува на годишна основа, а просечната инфлација за првите три месеци и натаму е стабилна и изнесува 0,6 проценти. Ваквите движења на инфлацијата главно се поврзуваат со ефектите од движењето на светските цени на храната и енергијата врз домашните цени, се наведува во соопштението од НБРМ.

На кредитниот пазар во март се забележува натамошно зголемување на кредитната поддршка на економијата преку банкарски кредити и забрзување на месечниот и годишниот раст на кредитите.

Како што се наведува во соопштението на кредитниот пазар имаше кредитни текови насочени кон двата сектора, и претпријатијата и населението, со поголем придонес на корпоративниот сектор. Остварената кредитна активност е поголема во однос на очекувањата од октомвриската проекција. Сепак, и натаму постојат веќе објавените надолни ризици околу кредитниот раст до крајот на годината, што се поврзани со согледувањата на банките за ризикот на побарувачката и конзервативните стратегии на големите банкарски групации кои со своите банки-ќерки се присутни на домашниот пазар. Во март, поволни беа и движењата кај депозитниот потенцијал на банките, кој и натаму се зголемува. Растот е резултат на зголемувањето на депозитите на двата сектора, со најголем придонес на корпоративниот сектор.

Ликвидноста на банките во март е намалена под влијание на сезонските фактори, што услови зголемено меѓубанкарско тргување на пазарот на депозити, особено со рочност до 1 месец.

– На девизниот пазар, движењата беа под влијание на вообичаените сезонски фактори. Согласно последните податоци, девизните резерви и натаму се намалуваат и се движат по проектираната патека. Имено, проекцијата за билансот на плаќања од октомври упати на потреба од финансирање на дел од дефицитот во тековната сметка преку девизните резерви во првата половина од годината, по што согласно проектираните текови се очекува нивно зголемување. Показателите за адекватноста на резервите и понатаму се во сигурната зона, односно укажуваат на доволно девизни резерви за справување со евентуални, непредвидени шокови, се вели во соопштението.

Од аспект на ризиците, според Комитетот и натаму има ризици поврзани со надворешното окружување, а случувањата во Украина сѐ уште претставуваат дополнителен фактор на ризик.

– Овие случувања, смета, создаваат ризици за нестабилност на светските цени на енергентите и на житните производи, а воедно може да имаат влијание и врз очекуваното економско закрепнување.

Последните оцени покажаа дека поддршката на економијата преку досега извршеното монетарно олабавување е доволна, во услови кога реалниот сектор на економијата заздравува со предвиденото темпо, а кредитната поддршка на банките е засега подобра од оцените.

Имајќи ги предвид најновите макроекономски и пазарни показатели Комитетот за оперативна монетарна политика одлучи да се задржи тековната монетарна поставеност и на аукцијата да се понудат благајнички записи на ниво на износот којшто достасува (25.500 милиони денари), со непроменета каматна стапка на нивото од 3,25 проценти.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП