Најдоброто пиво во светот се произведува во белгискиот манастирот Св. Сикст. И покрај големата побарувачка, монасите не се збогатија од пивото.
Да се произведе пиво кое е прогласено за најдобро во светот и да се продаде целата залиха во секунда треба да биде сон на секоја пивара, но монасите кои го произведуваат пивото Вествлетерин (Westvleteren) во манастир во западна Белгија, им се чини дека славата им станала товар.
Монасите од манастирот на Св. Сикст го продаваат своето пиво на локалното население од 1878 година, а ја ограничуваат производствената количина на ниво кое обезбедува таа работа да не доминира во нивните животи и да не носи повисока плата од онаа што им е потребна.
По завршувањето на Втората светска војна, едно време дури го тргнале од употреба и камионот со кој што им било доставувано пиво на локалните барови, и го продавале пивото на вратата на манастирот.
„Постоеше страв од тоа дека манастирот посветува повеќе време и напор во производство на пиво отколку во молитви“, вели монахот Годфрид. Тој е еден од 21-те монаси кои живеат во манастирот, посветени на „работа и молитва“.
Продажбата на производи од сирење, сапун и керамика, и се разбира пивото, ги обезбедуваат само потребните средства за егзистенција, но не и за збогатување на манастирот.
Овој систем функционирал добро до времето на интернетот и категоризацијата на пивата по интернет сајтовите, како што е RateBeer, на кој Вестелвлетерин XII, пиво со 10,2 отсто алкохол, е прогласено за најдобро во светот.
Кога на тоа ќе се додаде медиумски интерес, имаше вистинска навала, и сега колона од автомобили го опседна манастирот, чекајќи можност да купат пиво.
Потенцијалните купувачи мора да се најават на телефон, но и тоа има свои недостатоци, затоа што линијата е обично зафатена во периодот од две или три часа во денот кога е отворена за резервации, во кои се бележат околу 85.000 обиди за јавување, од кои само околу 200 се остваруваат.
Вествлетерин произведува три пива, и тоа – светло пиво со 5,8 отсто алкохол, лагер пиво со 8 отсто алкохол и темно пиво со 10,2 отсто алкохол, кое беше прогласено за најдобро пиво во светот.
Пивото се продава во манастирот за нешто повеќе од две евра по шише, додека во Брисел често се продава по цена поголема од 10 евра. Во повеќето далечни земји како што е Бразил се продава и за цена повисока од 50 долари за шише.
Монасите се лути на сивиот пазар на пиво, но неможат ништо да направат и одбиваат да ја зголемат цената на сопственото пиво, бидејќи тие го сметаат тоа за алчност.