Кога ќе се разбудите, кои се првите активности што ги правите? Што правите после долгото седење или стоење на работа? И уште многу други слични ситуации, кога нашето тело зазема статична положба или правиме нешто исто. Свесно или несвесно, се истегнуваме! Зошто?
Колку и да звучи банално, при секојдневните активности, телото ни праќа знаци кога треба да му ги олеснеме движењата и функционирањето. Во голем број случаеви тоа го правиме автоматски, освен ако не се занимаваме со спорт или некоја друга рекреација кога вежбите за истегнување имаат некаква цел како за почеток така и за завршување на тренингот. Позитивното чуство кое го имаме после несвесното истегнувањето во текот на денот или ценото истегнување пред или после физичките активности најмногу придонесува за:
– Подобрена циркулација
– Намалена мускулна напнатост
– Забавување или спречување на дегенеративните промени на зглобовите со тек на старост
– Превенција од повреди при секојдневни и спортски активности
– Олеснети движења или слободно изведување на движења
Клучни делови на телото на кои треба да обрнете внимание за време на вежбање се зглобовите на половината, колковите и рамената, поради сензибилноста на овие делови и склоноста кон повреди. Еве неколку совети:
– Постепено растегнувајте се, без да се јави јака болка
– Задржете се во позиција во која се чувствувате пријатно 15-30 секунди
– Дишете споро, што подлабоко, се додека не стане отежнато
– Концентрирајте се на делот од телото кој го истегнувате затоа што на тој начин го зголемувате ефектот
– Истегнувајте се што почесто, кога времето и обврските ви дозволуваат
Постојат различни видови на истегнување и секое од нив има своја техника на изведување. Исто така постојат голем број на вежби кои треба да ги примените одвоено, за спортски, рекреативни и превентивни цели. Затоа, прво обратете се за совет кај стручно лице.
Флексибилноста на зглобовите т.е телото има големо влијание врз развојот на коскениот и мускулниот скелет кај децата од најрана возраст па се до најстара доба како превентива. Ваквиот вид активности не одзема многу време, а може навистина да ви помогне!