3 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАМакедонските компании заинтересирани за соработка со фирми од Франција

Македонските компании заинтересирани за соработка со фирми од Франција

Pariz_0443

Потребна е поголема промоција на македонското стопанство во Франција, со цел наоѓање партнери за домашните компании и зголемување на извозот, со што ќе се намали постојаниот дефицит на македонска страна во размената.

Предлози за подобрување на економската соработка и зголемување на размената беа изнесени на денешната средба на домашни бизнисмени со амбасадорката на Франција во Македонија Лоренс Оер.

Конкретни предлози претставија компанијата „Микросам“, заинтересирана за соработка со француски компании и пласман на производи во авионската и веселенската индустрија, а фабриката за кондиторски производи „Европа“ за производство под приватна марка со што би се поврзале со големите ланци маркети во Франција. Интерес за извоз има и од крзнарата „Димко Митрев“, а од „Стилкон“ пак побараа партнери за изработка на челични конструкции.

Според претседателот на Стопанската комора на Македонија Бранко Азески, македонското стопанство не е промовирано во Франција на начин за да биде препознаено како таргетиран пазар што би се поддржал од француска страна со конкретни активности. За таа цел неопходна е и поголема маркетиншка и промотивна активност, рече Азески, истакнувајќи дека економската соработка и трговската размена помеѓу Македонија и Франција не е на нивото на можностите.

Резултатите од анкетатата што ја презентираше покажува интерес за соработка со Франција од македонски компании од металната и електро индустријата, хемиската, дрвната, ИКТ…

Бараат инвеститори застапници кои би ја организирале продажбата на нивните производи во Франција и ЕУ, како и придружување кон француските брендови и заедничко аплицирање за добивање пари преку европските фондови.

Француската амбасадорка Лоренс Оер најави дека Амбасадата ќе помогне во поврзување на компаниите и организирање средби. Смета дека има простор за соработка во повеќе области, првенствено креативни индустрии, но и земјоделство и сточарство.

– Постои можност за соработка со текстилниот сектор, по којшто е препознатлива Македонија. Само во Штип има 80 текстилни претпријатија и увоз на полупроизводи и реекспортирање на дефинитивните текстилни производи. Тоа е сектор што постојано се развива во Македонија и за којшто би биле навистина заинтересирани за соработка, но и да ја донесеме француската умешност затоа тука, рече Оер.

Франција, најави, ќе биде почесен гостин на манифестацијата Недела на дизајн во Скопје, во тек на која ќе се организираат средби на француски и македонски дизајнери.

– Не постои мала или голема земја која не поседува креативност, туку спротивно. Мала земја поседува и креативниост и квалитет. Тука мислам на сите производи, и земјоделски, гастрономски, а исто така и на сите традиционални занаети. Тука во дрвната индустрија постои златен рудник, со огромно познавање кое се бара особено во Франција, без оглед дали станува збор за производство на мебел или рачно производство во текстилната индустрија, рече Оер, истакнувајќи дека преку проекти од креативните индустрии ќе и се овозможи на Македонија да се поврзе со европската креативна индустрија.

Амабасадорката Оер смета дека има можности за соработка и во кинематографијата и производството на вино, а не го исклучува и автомобилскиот сектор.

– Долго време сметавме дека овде ќе можеме да донесеме некоја автомобилска компанија. Имаше голема дискусија со потенцијален инвеститор години наназад. Продолжувам да мислам дека во тој сектор постои навистина голема можност, од сето она што значи нови технологии кои ќе спречуваат емитување штетни гасови, наведе Оер.

Трговска размена на Македонија и Франција е со постојан дефицит на македонска страна.

Лани достигна 120.521.368 долари, со извоз од 25 милиони долари, а увоз од 94 милиони долари. Иако во 2013 година има раст на извозот од 20,9 отсто дефицитот изнесува 69,1 долари, односно 3 проценти од вкупниот дефицит на Македонија со странство.

Директните странски инвестиции од Франција во Македонија во последните десет години изнесуваат 140 милиони евра.

Во прилог на подобрување на економската соработка, според изнесеното на средбата стопанствениците, треба да биде и директната авионска линија на релација Скопје – Париз, најавена за наредниот месец.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП