25 април, 2024
ПочетнаКОЛУМНИКОЛУМНА: Иселеништвото и локалниот економски развој (ЛЕР) - М-р Раде Чоловиќ

КОЛУМНА: Иселеништвото и локалниот економски развој (ЛЕР) – М-р Раде Чоловиќ

Passport immigration stamp

Република Македонија важи за земја каде што печалбарството и иселеништвото постоеле уште од многу одамна. Печалбарството и иселувањето се опеани и во многу песни испеани низ времето, како: „Проклета да е Австралија“, „Параходот“ и многу други, а опишани и низ повеќе драмски и прозни текстови.

За жал иселувањето продолжува, a уште пострашни ми звучат резултатите од оние анкети за бројот на млади луѓе кои сакаат да се иселат од Македонија.

Во Македонија има и уште еден, ќе го наречам феномен, а тоа е внатрешното раселување. Така до 1990 година најмногу се иселуваа, односно се испразнуваа селата во Република Македонија (миграција село – град), а после таа година се испразнуваат и помалите градови (миграција кон Скопје и поголемите градови).

На моите патувања низ државата можев да слушнам различни приказни за иселувањето. Така, во едно село под планината Oгражден во струмичкото поле, релативно млад човек (на околу 40 години) ми раскажуваше како во нивното село од 600 куќи, до пред петанесетина години, имало пет кафани и скоро сите со жива свирка, а денес кафеана нема, а кога ќе се организира турнир во мал фудбал (со екипи од селото и околните села) едвај ќе се соберат 20-тина гледачи на натпреварите. Во Охрид слушнав како од градот (не знам за кој период) се иселиле над 11.000 жители. Да не зборуваме за многу села каде мака мачат да „соберат“ дечиња за да ги запишат во прво одделение, пред се, за да може училиштето и понатаму да функционира.

Зошто е тоа така, можеби најдобро го илустрира она што го слушав од мојот татко и неговите пријатели кога се споредувавме со Словенија и со фактот дека Љубљана многу малку го зголеми бројот на жители (споредено со Скопје). Имено, повозрасните коментираа дека уште во 1945 година, сите села во Словенија имале пат, струја, училиште, лекар (амбуланта) и свештеник, а кај нас тоа го немало, а и на некои места се уште го нема.

Значи кај нас ја нема(ло) основната инфраструктура за живеење и делување.

Од  друга страна, големиот број на луѓе кои се на привремена работа во странство, но и нашите иселеници, се стекнале со искуство во користење на напредни технологии, оствариле контакти и врски со многу големи компании и истите луѓе слабо или воопшто не се искористени како алатка за поголем економски развој на Република Македонија. Јас искрено, до пред скоро време, не бев чул ниту една гарнитура на власт и опозиција во државата да ги спомене иселениците посериозно и да предложи конкретни и реално одржливи мерки овие луѓе да инвестираат во својот роден крај.

До намалување на миграцијата и емиграцијата може да дојде само и само преку зголемен економски раст на државата и оделните региони во државата, односно зголемен локален економски развој (ЛЕР).

При тоа, под зголемен ЛЕР не мислам развој на една општина, туку на повеќе општини кои природно гравитираат околу некој град или поголемо населено место.

Секоја општина, регион има уникатен склоп на локални услови кои можат да го унапредуваат или кочат економскиот развој. Потребно е тие правилно да се утврдат со цел да се создадат можности за креирање на соодветни политики за зголемен економски раст.

selo

Што мора, а што може општината, односно регионот да направат за локалниот економски развој? 

А: Во фукција на нивниот економски развој, општината/регионот мора да создаде услови за перманентно подобрување на инфраструктурата како услов за непречено функционирање на стопанскиот живот.

Б: Во функција на нејзиниот економски развој општината/регионот може:

Прво, преку свои органи да дава совети и консултантски услуги на претпријатијата кои функционираат во тој регион, и на претприемачи заинтересирани за отпочнување на сопствен бизнис.

Второ, да дава финансиска или друг вид подршка на новосоздадените мали фирми кои опстојуваат на територија на општината-регионот.

 

Во контекст на претходно кажаното, мислам на помошта што може да се дава во насока на разрешување на најразлични прашања од областа на администрирањето на определени процедури, околу издавање и добивање на разни дозволи, согласности за изработка на бизнис планови, финасирање и кофинасирање на некои претприемнички активности, финансирање бизнис инкубатори и слично.

Финасиската помош што би се нудела на фирмите мора да биде ограничена и во износ и во време, и тоа не само поради ограничените фондови со кои располага општината, туку и поради тоа што едно претпријатие не треба да опстојува од субвенции туку од сопствените бизнис активности.

Начини како да се реализира она што општината т.е. општините од еден регион треба и можат да го направат се повеќе и сите треба да дадат една синергија во остварување на зголемен економски раст и благосостојба на регионот. Јас овде ќе предложам неколку мерки или чекори кон остварување на сето тоа:

Воспоставување и развој на партнерството меѓу јавниот, приватниот и невладиниот сектор или локален економски форум. Преку ова партнерство треба да се искористат заедничките напори на јавниот, приватниот и невладиниот сектор за реализација на успешни проекти значајни за економскиот развој. Како претставници од јавниот сектор, во форумот треба да се поканат да членуваат и претставници од универзитети и од други образовни институции и од организации од меѓународната заедница.

Ова партнерство треба да работи на:

1)    Заедничко планирање – дефинирање на стратегија  на ЛЕР, следење на нејзината реализација и корекција и прилагодување на стратегијата.

2)    Лобирање – да влијае врз политиката на државните институции и останати меѓународни донатори и да привлекува странски инвеститори, и инвеститори од редот на иселениците и оние на привремена работа во странство.

3)    Вмрежување – Пошироко споделување на знаењата, идеите и можностите за развој на доверба и соработка меѓу нејзините членови.

4)    Заеднички вложувања – комбинирање на заеднички ресурси за одредени специфични проекти.

 

–  Да се иницира, подржи и охрабри формирање на деловно здружение на фирмите од регионот. Ова здружение би било логистички подржано од општините и би работело какo советодавно и консултантско тело во насока на создавање на подобро деловно опкружување, би го промовирало и подржувало супконтракторството, би се организирале манифестации и учество на саеми. Здружението треба да биде центар на ширење на пазарни информации, како на пример – информации за законската регулатива во врска со работењето на компаниите и слично, здружението би организирало разни обуки за фирмите, би ги унапредувало извозните релации итн.

 

– Востановување на политика на еднакви можности. Ова има за цел на сите учесници на пазарот да имаат еднакви можности и привилегии на пазарот, како и да им овозможи на сите граѓани да ги искористат своите вештини и потенцијал.

Инспекциските служби да треба да се трудат сивата економија да ја сведат на минимум без притоа да ги ги загушат претприемничките идеи.

Што се однесува до невработеноста, по направена анализа за кои групи или категории на граѓани немаат полза од стопанскиот живот во општината (жени, млади луѓе, етнички групи итн.), кои се причините за тоа и да се изнајдат и спроведат политики и акции за надминување на проблемите.

Покрај овие, постојат и други мерки и чекори кои можат да се превземат за зголемен ЛЕР, но целта ми е тоа дека покрај државната (општинската) иницијатива треба да се искористат и ресурсите и мислењата и на бизнис заедицата и таа да учествува во креирање на политики за ЛЕР, а воедно да има место каде младите луѓе наместо за иселување би добивале и корисна подршка, помош и совети за отворање на сопствен бизнис па зошто да не и повратници од странство да инвестираат во својот роден крај.

Автор на колумната

mr-cholovic

М-р Раде Чоловиќ

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП