15 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАИзградбата на Коридорот 8 да биде приоритет за властите во Македонија и...

Изградбата на Коридорот 8 да биде приоритет за властите во Македонија и Бугарија

makedonsko bugarska sredba

Неколку десетина градоначалници и бизнисмени денеска во Крива Паланка побараа од централните власти на Македонија и Бугарија да дадат искучителен приоритет на изградбата на Коридорот 8.

Градоначалниците на Ќустендул, Дупница, Крива Паланка, Кратово и претставници на локалните власти на Куманово, како и дваесетина компании од двете држави побара од премиерите на двете држави да ги искористат кредитните линии од Европската банка за обнова и развој за изградба на модерна инфраструктура што ќе го поттикне економскиот развој и ќе ги интензивира бизнис врските на компаниите од двете земји.

На денешниот регионален форум во организација на Македонско-бугарската стопанска комора е истакната потребата од формирање бизнис конзорциуми во областите на туризмот, прехранбената и преработувачката индустрија преку кој би се реализирала идејата „Балкански продукт“ за европските и трети пазари.

Со зголемување на економската размена можат да се стимулираат заедничките проекти во културата што ќе ги разбијаат предрасудите кон заедничкото историско наследство.

Бизнисмените и локалните власти побараа од двете државни банки за развој да биде создаден заеднички фонд, капитал гаранции за македонските и бугарските компании кои би учествувале во завршување на Коридорот 8.

На средбата присуствуваа претседателот на Комората, Зоре Темелковски, градоначалниците на Ќустендил и Дупница, градоначалници од Североисточниот плански регион, Кратово, Ранковце, Старо Нагоричане и домаќинот, градоначалникот на Крива Паланка, претседателот на Трговската промишлена палата на Ќустендил, како и голем број стопанственици и претставници од бизнис секторот од Македонија и Бугарија, членови на Македонско-Бугарската стопанска комора.

„Единствениот начин за надминување на кризите и кризните времиња, за обезбедување обрт на средства кои доаѓаат во локалните самоуправи од европските фондови и трансформирање до бизнис заедницата е симбиоза помеѓу економските субјекти. Во тој правец забрзаниот проток на информации ќе придонесе и забрзана и зголемена заедничка соработка помеѓу компаниите од двете држави“, изјави претседателот на Македонско-бугарската стопанска комора“, Зоре Темелковски.

Според него, може да се постигнат подобри резултати преку привлекување на бугарските бизнисмени да инвестираат во Североисточниот плански регион и да се негува пријателскиот однос меѓу двете земји.

„Пазарите сфатија дека регионот е тој кој обединува и нуди можности за пласман на нивните европски технологии и дека сепак не се доволно конкурентни на технологиите на Германија, Швајцарија и Италија. Нашата трансформација која трае дваесет години и нашите претприемачи немаат доволно средства за нови вложувања особено не во време на кризата се потпираат на производите кои доаѓаат од регионот каде е помал транспортот, трошоците се помали. Многу малку знаеме дека во регионот банкарскиот капитал од Бугарија е веќе влезен во четири сериозни банки во Македонија, но не се се уште доволно имплементирани до обичниот граѓанин и до обичните компании. Сакаме да донесеме алтернативна конкуренција која ќе води до подобар живот и на граѓанинот и на стопанствениците да размислуваат за подобар продукт и нов производ“, посочи Темелковски.

Покрај банкарскиот сектор за бизнисмените од Бугарија од голем интерес според првиот човек на Комората се и земјоделството и туризмот, но и потребата за добра патна инфраструктура.

Темелковски појасни и дека досега општините сами можеле да аплицираат за проекти, но сега со посебната програма на Европската Унија за заеднички регионални проекти имаат на располагање средства во висина од 5 милијарди евра за сите европски региони.

Според градоначалникот на Кратово Мите Андоновски ова е одлична можност да се зближат бизнисмените од двете страни на границата. Границата, рече, не треба да претставува никаква пречка, капиталот треба да патува и ќе биде добро и за граѓаните и за компаниите кои сакаат да извезуваат на бугарскиот пазар.

„Комората постои 3 години, но активно функционира од пред една година. Во тој период се реализирани многу вакви средби со повеќе погранични региони. Целта на средбите е да се разменат искуства и да се создаде идеја за реализација на што повеќе проекти и искорустување на Европските фондови“, истакна претседателот на надзорниот одбор на Македонско-бугарската стопанска комора, Кирил Пендев.

Градоначалникот на Крива Паланка Арсенчо Алексовски оцени дека регионалното здружување помеѓу Македонија и Бугарија ќе значи развој на општините на социоекономски и образовен план, како и развој на бизнис климата.

„Општина Крива Паланка е лидер во регионот во реализација на проекти со средства до ЕУ, а тоа ќе биде можност во соработката со останатите општини да им пружиме помош при изработката на проектите“, рече градоначалникот на Крива Паланка.

Ова е втора средба во организација на Македонско-бугарската стопанска комора во Североисточниот плански регион, а истата продолжи со дискусија за поголема медиумска презентација на сите активности и можности за здружување на општините и инвеститорите.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП