22 мај, 2024
ПочетнаКРАТКИ ВЕСТИ СВЕТКратки вести од светот

Кратки вести од светот

najnovi-vesti1

Врбас – Многу граѓани на Србија плаќаат греење и вон грејната сезона, но има и такви кои немаат никакво греење во своите домови, но принудени се да платат. Се работи за т.н. индиректно греење кое овие денови ги изненади многу граѓани на Врбас на нивните сметки за комунални услуги. На нивните сметки повторно е пресметана услуга за греење, иако со години не ја користат. Не се работи за грешка, туку за нов правилник на Јавното комунално претпријатие Стандард.

Белград – Американската компанија Континентал винд партнерс соопшти дека кон крајот на годината може да почне со изградба на Чибук1 кај Ковин. Меѓутоа, како што наведуваат тоа ќе се случи само ако новиот закон за енергетика биде завршен до крајот на јуни и ако се унапреди Договорот за откуп на електрична енергија. По средбата на нејзините претставници со министерката за енергетика, развој и заштита на животната средина Зорана Михајловиќ, компанијата соопшти дека ги поздравува напорите кои Министерството ги презема да дојде до тоа.

Загреб – Во Загреб идната недела официјално почнува да работи здружение за привлекување на кинески инвестиции во регионот, CSEBA. По Загреб, канцеларија на CSEBA ќе се отвори и во Белград, кон крај на март или почетокот на април. Основачите на CSEBA планираат да ги искористат веќе постоечките добри врски на српските и кинеските стопанственици кои резултираа со многу веќе реализирани проекти. Целта на здружението е кинеските инвестиции кои се најавени во рамки на 5-годишниот план на Кина за економски развој во следните години, да се насочат кон двострано исплатливи, вредни проекти во земјите на регионот.

Загреб – Меѓународната агенција за кредитен рејтинг Фич ја намали прогнозата на рејтингот на Хрватска од стабилен на негативен, пренесоа агенциите. Фич истовремено го потврди долгорочниот кредитен рејтинг на ниво ББ+ за странска валута и на БББ- за домашна валута. Рејтинг агенцијата во образложението наведе дека фискалните резултати на Хрватска дополнително се влошени од септември минатата година, кога Фич го намали долгорчниот кредитен рејтинг на сегашно ниво ББ+.

Лондон – Во Лондон на 24 февруари во организација на Европската банка за обнова и развој ЕБРД ќе се одржи инвестиционен форум за западен Балкан. На форумот ќе учествуваат премиери на земјите од регионот, како и европскиот комесар за проширување Штефан Филе. – Идејата е целиот овој регион да го претставиме како инвестициска дестинација. Се надеваме дека оваа конференција, освен што ќе го олесни доаѓањето на многу потребните странски инвестиции, ќе стане многу силна политичка порака за зрелоста и стабилноста на регионот – изјави политичкиот советник на претседателот на ОБРД, Олег Левитин.

Париз – Групата Ербас, најголема европска авионска корпорација ЕАДС, планира да ја преземе германската Салзбург Минхен Банка АГ за да основа сопствена банка. Банката, со седиште во Минхен ќе биде преименувана во Ербас Груп Банк и ќе се бави со финансирање на сите дејности на оваа најголема светска компанија за производство на авиони.

Берн – Прометот на швајцарската индустрија за чоколади порасна лани за 3,1 отсто на 1,68 милијарди швајцарски франци. Како што соопшти швајцарската асоцијација за производство на чоколади, продадените количини на чоколадите се зголемени за 3,9 отсто на 179,061 тон. Растот на продажбата на чоколади пред се е остварен благодарение само на извозот.

Мадрид – Шпанија во јануари забележа бавен раст на цените, во време кога на економиите на еврозоната се заканува дефлација, покажаа официјалните податоци во Мадрид. Потрошувачките цени минатиот месец пораснале 0,3 отсто на годишно ниво, наведе шпанскиот Завод за статистика, а пренесе агенцијата Франс прес. Падот на цените може да биде добар знак за потрошувачите, но на подолг рок е лош, бидејќи купувачите и компаниите го одложуваат купувањето, чекајќи цените повторно да паднат, што може да ја загрози економијата.

Пекинг – Стапката на инфлацијата во Кина во јануари мируваше на 2,5 отсто, покажаа официјалните податоци во Пекинг. Меѓутоа, аналитичарите предупредуваат дека инфлацијата укажува на слаби шанси за стопанскиот раст на второто по големина светско стопанство. Индексот на потрошувачките цени ЦПИ, кој го пресметува кинескиот Завод за статистика, во јануари мируваше на нивото од декември, а економистите кои учествуваа во анкетата на Волстрит журнал очекуваа дека ќе успори на 2,3 отсто.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП