29 март, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАНБРМ: Банките ликвидни, економијата ќе расте

НБРМ: Банките ликвидни, економијата ќе расте

nbrm1111

– Банките во јануари го задржаа стабилното ниво на ликвидност. Кај депозитите има поволни движења. Депозитниот потенцијал и натаму се зголемува иако побавно на месечно ниво, а зголемување е забележано и кај кредитите и тоа во секторот население.

Според Комитетот за оперативна монетарна политика на НБРМ, кредитната активност е во согласност со очекувањата од октомвриската проекција, а поволни се и краткорочните согледувања на банките за кредитните услови и за идната побарувачка на кредити во следниот квартал, дадени во рамките на најновата Анкета за кредитната активност.

Сепак, како што стои во соопштението од одржаната вчерашна седница на Комитетот, надолните ризици околу кредитниот раст и понатаму се присутни.

Економијата, според показателите, и натаму ќе расте, веројатно со сличен интензитет како и во третиот квартал. Овие оценки, Комитетот, во голема мерка, ги заснова врз натамошните поволни движења кај клучните економски сектори, пред се кај градежниот и индустрискиот сектор. – Оценките и понатаму покажуваат дека растот на економијата нема да биде доволно силен за да може да предизвика поголеми нерамнотежи во економијата. Во отсуство на нови податоци за инфлациските остварувања од почетокот на годината, и натаму се укажува на претежно надолни ризици поврзани со проекцијата на инфлацијата за 2014 година, од 2,3 отсто, утврдени во јануарскиот преглед на тековната состојба. Овие оценки ја одразуваат пониската остварена стапка на инфлација на крајот на 2013 година, во однос на проектираната и јануарските ревизии на светските цени на храната и нафтата, се наведува во соопштението.

Податоците за девизните резерви за јануари 2014 укажуваат на нивно сезонско намалување, што, според Комитетот, е очекувано во рамки на проекциите на билансот на плаќања.

Показателите за адекватноста на резервите и понатаму се во сигурната зона, односно укажуваат дека ќе има доволно девизни резерви за справување со евентуални, непредвидени шокови, сметаат од Комитетот.

Во услови на стабилни движења, но кога се уште има ризици поврзани со надворешното опкружување, а особено имајќи ги предвид очекуваните ефекти од мерките преземени претходно од страна на Народната банка, Комитетот утврди дека тековната поставеност на монетарната политика е соодветна.

Имајќи ги предвид најновите макроекономски, финансиски и пазарни показатели, на седницата на Комитетот за оперативна монетарна политика беше одлучено на аукцијата да се понудат благајнички записи на ниво на износот којшто достасува (25.500 милиони денари), со непроменета каматна стапка на ниво од 3,25 отсто. Воедно, како дополнување на неодамна донесената Методологија за утврдување на потенцијалната побарувачка за благајнички записи, Комитетот ја ревидира каматната стапка на расположливите депозити на 7 дена, со што таа се приближи до каматната стапка на расположливите депозити преку ноќ. Со ова се истакна улогата на овие инструменти, кои служат исклучиво за балансирање на краткорочните ликвидносни флуктуации, а воедно се зајакнува механизмот за натамошно насочување на вишокот ликвидни средства на банките во подолгорочни инвестиции, стои во соопштението од НБРМ.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП