Замислете ја оваа сцена: стоите покрај Самоиловата тврдина во Охрид, сонцето пече, убав ден за разгледување. Пред вас е група туристи со мали бели слушалки, а пред нив човек со широко насмевка и со бугарско знаме во раката. И тој, сосема опуштено, раскажува како оваа земја, всушност, од памтивек била бугарска.
Не преувеличуваме – ова се случува. И тоа редовно.
Македонската туристичка индустрија, која патем речено уште живее во некој полуимпровизиран свет, стана идеално место за странски водичи што не само што работат без никаква лиценца, туку и без срам го менуваат текот на историјата.
Се шетаат низ Охрид, Битола, Струмица, како низ сопствен двор, и на туристите им зборуваат дека „сѐ што гледате овде, тоа си е наше“.
Домашните водичи, оние што живеат од оваа работа, одамна алармираат дека работите отишле предалеку. А законите? Тие се само добри на хартија.
Според македонската легислатива, странски државјани немаат право да бидат водичи на наш терен, освен ако до нив не стои наш лиценциран водич. Супер правило, ама на терен е како да не постои.
„Пред мои очи еден бугарски водич без ни малку колебање раскажуваше како Охрид е древен бугарски град, а Климент и Наум ги нарече бугарски духовници испратени директно од царскиот двор во Преслав“, раскажа Марија Дојчинова, една од оние што си ја сакаат професијата и историјата.
„Пробав нешто да кажам, ама сфатив дека веќе е доцна. Туристите веќе беа подготвени да прифатат сѐ што ќе чујат. А и зошто не би прифатиле? Доаѓа некој и ти ја продава историјата за евтино – секако дека ќе купиш, посебно ако не си од овде“.
Уште поголем проблем е што инспекторите за туризам – кои би требало да бидат чувари на вистината, барем на терен – немаат право веднаш да казнуваат. Ќе дојдат, ќе напишат записник, и… толку. Понатаму следува бирократска процедура која никогаш не завршува со конкретна казна.
Затоа странските агенции, особено бугарските и турските, лесно го заобиколуваат системот.
Ним им е поважно да си донесат сопствени луѓе за да заштедат, ама и за да раскажуваат приказни што политички им одговараат. Нашиот надзор тука е речиси никаков.
„Видете ја Италија, на пример. Таму, ако сакаш да раскажеш нешто за Колосеумот, мора да си домашен водич. Нема играње, нема импровизации. Таму знаат што прават, и нема простор за манипулации со нивната историја и идентитет“, вели Александар, туристички водич од Скопје. „Кај нас? Тука секој кој знае три збора на англиски може слободно да дојде и да си раскажува што сака. Ете, тоа е нашиот проблем“.
Најчесто ваквите „екскурзии во историјата“ ги прават бугарските агенции, каде на големо се врти приказната дека дел од македонското културно наследство не е ништо друго освен бугарско наследство.
Турските пак, почесто гледаат економски да си ја завршат работата, избегнувајќи да платат домашни водичи. Никој, ама баш никој не се грижи за тоа дали овие луѓе работат по закон или не.
Од Министерството за економија неодамна пуштија некоја нејасна изјава за можно ревидирање на законите, но тоа најверојатно ќе остане само изјава.
Историјата не е сувенирче што може секој да си го земе во куфер и да си замине дома. Историјата е корен. Ако не внимаваме, ако продолжиме вака, лесно можеме да се разбудиме еден ден и да сфатиме дека веќе не е наша. А тогаш ќе биде доцна за реакција.
Б.З.М.