Алијансата за родова еднаквост на работното место подготви анализа за застапеноста на жените во политиката, односно колку жените се застапени на извршните позиции посебно на локално ниво. Според невладината организација, и покрај тоа што Македонија избра прва жена претседател, податоците велат дека жените и натаму се недоволно вклучени во политиката. Ова истражување е спроведено во пресрет на локалните избори кога се формираат листите за градоначалници и советнички листи. Анализата содржи и податоци за тоа како жената е застапена во политичкото одлучување низ годините.
Од невладината велат дека еднаквото учество на жените во политичкиот живот не е само прашање на демократија, туку и на ефективно и инклузивно управување. Во Европа, зголемувањето на застапеноста на жените во парламентите и владите се смета за клучен чекор кон поправедно општество и подобро носење одлуки.
Официјалните податоци на Европската комисија велат дека земјите со повисоко учество на жени во политиката имаат потранспарентни институции, поефикасни политики за социјален развој и поголема доверба кај граѓаните. Дополнително во извештајот се наведува и дека во контекст на европските стандарди, ЕУ постави јасни цели за зголемување на бројот на жени во политичките и извршните функции, што покажува дека Македонија не е изолирана во овој процес.
Тука се поставуваат прашањата: Колку е Македонија блиску до европските трендови? Како се движи учеството на жените во политиката низ годините и каде постојат најголемите предизвици?
„На првите парламентарни избори во Македонија во периодот од 1990 до 2001 година, застапеноста на жените во парламентот изнесувала помеѓу 3,3% и 7,5%. Овој предизвик бил решаван преку низа законски измени. Со Законот за избор на пратеници од 2002 година, била воведена квота која гарантира најмалку 30% застапеност на помалку претставениот пол на кандидатските листи. Подоцна, со измените на Изборниот законик во 2006 година, било предвидено дека во секоја поднесена кандидатска листа за пратеници, најмалку едно од секои три места треба да му припаѓа на помалку застапениот пол. Овој механизам значително придонесе за зголемувањето на бројот на жени во законодавното тело, особено по 2002 година, кога застапеноста скокна од 6.7% на 17.5%, а потоа и на над 30% во наредните години. Во 2014 година, законот бил дополнително унапреден со одредба според која, доколку избрана пратеничка го прекине својот мандат, нејзиното место го зазема следната жена од листата. Во 2015 година, квотата за застапеност на жените во кандидатските листи била зголемена на 40%, односно најмалку 40% од кандидатите на изборните листи да бидат жени со што се направил уште еден чекор кон унапредување на родовата еднаквост во политичката сфера.“, стои во анализата.
Од Алијансата за родова еднаквост на работното место велат дека, и покрај овие квоти, забележливо е дека нивната имплементација не секогаш гарантира ефективно учество на жените во носењето одлуки. Иако на изборните листи има номинирани жени, честопати тие се поставени на позиции со помала веројатност за избор, што ја ограничува нивната реална застапеност. Во 2024 година тој процент опаѓа на 39.2%, во споредба со 41.7% застапеност во 2021 и 2022 година.
„Во европски контекст, квотите за родова еднаквост се покажаа како ефикасна мерка во земјите каде што се спроведуваат доследно и се комбинираат со други политики за поддршка на женското лидерство. Македонија, иако е блиску до европските стандарди, треба да размисли за засилување на мерките за спроведување на квотите, како и за дополнителни механизми кои ќе гарантираат дека жените не само што се присутни во парламентот, туку и активно учествуваат во креирањето на политиките“, пишува во анализата.
Авторите на оваа анализа сметаат дека доколку за националниот парламент постојат законски квоти кои придонесуваат за подобрена застапеност на жените, истата обврска не важи за жените на позиции во националната влада или за градоначалници. Нивните податоци велат дека кога се разгледуваат составите на сите Влади, најчесто жените се застапени со две или три позиции, додека во периодот од 2017 до 2022 година, нивната застапеност достигна четири места односно највисоко учество до сега од 16.7%.
Но, кога ќе се надоврзат и локалните избори, состојбата е поразителна. Избрани беа само две градоначалнички на ниво на цела држава во 2021 година. Бројот на жени кандидатки за градоначалнички варира значително од изборен циклус до изборен циклус и се движи од 13 во 2009 до 32 во 2013 година. Од друга страна, кога станува збор за избрани градоначалници и градоначалнички, јасно се гледа дека мажите доминираат во локалната власт. Во 2009 година, не беше избрана ниту една жена за градоначалничка. Во 2017 година беше забележан мал напредок со 6 избрани жени градоначалнички, за да во 2021 година тој број повторно падна на 2.
И.П



