19 април, 2024
ПочетнаКОЛУМНИКОЛУМНА: Кејнз, Македонија и инвестициите - М-р Раде Чоловиќ

КОЛУМНА: Кејнз, Македонија и инвестициите – М-р Раде Чоловиќ

kejnz2

Џон Мајнард Кејнз (1883-1946) бил истакнат Британски и светски економист. Неговата дефиниција за рецесијата како економски циклус е основа за модерната макроекономија.

Кејнз верувал дека недоволната побарувачка на производи и услуги на пазарот е главна причина за намалување на економскиот обем, односно причина компаниите да се соочат со намалена продажба на своите производи и услуги. Намалената продажба значи дека компаниите се приморани да ги намалат трошоците на своето работење, а тоа најчестo води кон намалување на платите или намалување на бројот на вработени. Намалувањето на профитот и платите, понатаму, дополнително влијаат на намалување на побарувачката и сето ова води кон една опасна спирала која се зголемува.

Според теоријата на Кејнз, најдобар начин да се запре овој негативен процес е да се вклучи државата со некаква значајна нова политика или мерка.

 

„Сметам дека Кејнз бил и е во право…“

 kejnz

„Ерата на процут, а не на криза, е вистинско време за Министерството за финансии да спроведе мерки за штедење“ е изјава на Кејнз од 1937 година, изјава кажана пред ребалансот на буџетот предложен од тогашниот претседател на САД, Френклин Делано Рузвелт. Со ребалансот, американската економија која била на пат на закрепнување, била турната во тешка рецесија.

Од друга страна, според некои автори, економијата во oснова може да се подели на четири компоненти: потрошувачка, инвестиции, нето извоз и државата како потрошувач. За да се спречи рецесијата и зголеми економскиот развој, треба да се изнајде начин, односно да се влијае врз зголемувањето на побарувачката во една од овие компоненти.

Јас искрено верувам дека најголеми резултати, односно на задвижување на националната економија, најбрзо може да се влијае преку интервенции на државата во компонентата капитални инвестици или инвестиции во капитални објекти, кои се самоодржливи и профитабилни: патна инфраструктура (автопатишта, пруги), енергетски капацитети, инвестиции во туризмот и слично.

Од друга страна, битни се два моменти, атрактивност на инвестицијата и нејзино финасирање. Што мислам под овие две работи ќе објаснам подолу во овој текст.

Знаеме дека државата неколку пати не успеа да најде инвеститори за хидроелектраните Чебрен и Галиште, со години слушаме за Вардарска долина, пругата кон Република Бугарија се започна но не се доврши како и доста други, за жал, неуспешни примери. Од друга страна е проблемот на финасирање на изградбата на вакви и слични капитални објекти со скапи и неповолни кредити.

Овде би сакал да предложам можен модел за реализација на капитални инвестиции од страна на државата (Владата) во Република Македонија.

Како прво, државата треба да основа Инвестиционен фонд  чија мисија би била  рамномерен економски развој на цела територија на Република Македонија преку искористување на сите нејзини расположиви природни, човечки и економски капацитети.

Цели на фодот: Отворање на нови работни места и зголемување на благосостојбата на граѓаните на Република Македонија, Намалување на иселување на младите и образовани кадри и подршка на претприемништвото во Република Македонија.

 

Како можни соосновачи на фондот би биле Владата на Република Македонија или некое нејзино министерство, Локалните самоуправи во Република Македонија, домашни и странски банки, правни и физички лица.

Начинот на функционирање на фондот ќе го објаснам со пример: изградба на Хидроцентралата Чебрен.

  • Со претодно изготвен бизнис план и заокружена финансиска конструкција за изградба на хидроцентралата, инвестициониот фонд би основал друштво ХЕЦ Чебрен.
  • ХЕЦ Чебрен ќе ги обезбеди сите потребни дозволи и сертификати за работа.
  • Финасирањето на изградбата би било со средства на фондот кои се од неговите основачи и од неговите членови (штедачи), или истите би биле обезбедени преку поволен кредит од домашни или странски Банки или преку стратешки партнерства.
  • По започнување на изградбата, Ивестициониот фонд би започнал со продавање, на заинтересирани страни, на делови од својот удел во ХЕЦ Чебрен, со обврска најдоцна три години од започнување на производство односно од завршување на проектот да продаде најмалку 51% од својот удел или акции во истиот, односно идејата е Фондот да не биде доминантен сопственик.

(Во случај кога инвестицијата е патната инфраструктура, државата би склучила долгогодишен договор за концесија со Инвестициниот фонд, со точно дефинирани услови за концесионерство, а фондот би имал можност да бара соинвеститори односно сосопственици на концесијата.)

  • Средствата добиени од продажбата на уделите или акциите би се користеле за враќање на евентуално земените кредити, дел од остатокот од добивката би се поделил на инвеститорите и на основачите, а дел би се чувал за идни проекти.

chebren

Се разбира, потребно е централната и локалната власт да го следат овој и сите наредни проекти со изградба на потребната патна и останата инфраструктура неопходна за отпочнување и реализација на проектот. Еден од начините како би се обезбедиле средства за тоа е да се искористи претходната добивка од продажба на уделите од фирмите основани од Инвестицискиот фонд.

Сметам дека на вака реализирани проекти им се зголемува атрактивноста, пред се со тоа што државата, преку своја институција која започнува да го реализира проектот, кажува за својата сериозност истиот да се реализира. А фактот дека после три години од завршувањето ќе се откаже од доминантната сопственост врз проектот, односно би била спремна да го издаде на повеќегодишна концесија, би  довел до тоа проектот дополнително да биде интересен за инвеститорите.

Од друга страна, со користење на средствата на своите основачи, инвеститори и идни заработки, проектите би се реализирале со, така да се изразам, евтини пари.

Примерот со ХЕЦ Чебрен е апликативен и за други проекти, како од областа на енергетиката така и од други области.

Верувам дека многумина ќе помислат дека ова што го предлагам не е ништо ново и иновативно. Знаеме дека се најавува  формирање заеднички инвестиционен фонд помеѓу Република Македонија и Република Бугарија, а повозрасните можеби ќе се сетат дека на времето имаше и таканаречен фонд за патишта (се продаваа обврзници, а со средствата се градеа патишта во СФР Југославија).

Како и да е, реализацијата на моделот опишан погоре ќе доведе до започнување на поголеми инвестициски проекти и не само што ќе се задвижи целото стопанство во Република Македонија и ќе се намали невработеноста, туку ќе се добијат капацитети кои ќе имаат долгорочно позитивно влијание врз економијата и благосостојбата во државата.

Автор на колумната

mr-cholovic

М-р Раде Чоловиќ

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП