2 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАПочнува гасификaцијата на скопскиот регион, проект вреден 100 милиони евра

Почнува гасификaцијата на скопскиот регион, проект вреден 100 милиони евра

gasifikacija

Стартува проектот за гасификација на скопскиот регион со кој ќе бидат опфатени 17 општини. Инвестицијата од околу 100 милиони евра ќе се реализира за пет години по принципот на јавно приватно партнерство, а дел од дистрибутивната мрежа ќе биде пуштен во работа во 2016 година.

Како што соопшти денеска премиерот Никола Груевски на прес-конференција во Владата, изградбата на дистрибутивниот систем во должина од 250 километри, ќе почне во 2015-та и до 2019-та треба да се реализираат најмалку 70 отсто или 175 километри.

„Од денес почнува конкретната операционализација на проектот за гасификација во Република Македонија. Во изминатите неколку години интензивно и посветено работевме на завршување на сите мерки, активности и процедури за да дојде до оваа точка. Тоа не беше нималку лесна и едноставна работа иако некои структури се обидуваат да ја прикажат така“, рече Груевски.

Проектот, додаде, ќе биде изведен по сите стандарди, не парцијално, туку интегрално, без импровизации, туку со цврсти планови и програми.

„Беа потребни многу подготовки, изработка на мега проекти, средување на имотно-правни и земјишни односи, правање многу анализи и, секако, најбитното, требаше да се обезбеди темел, договор за снабдување со гас на цела Македонија. Посветено и одговорно, трпеливо и интензивно, за повеќе од четири години сработивме се што е потребно и обезбедивме договор со Руската Федерација за снабдување со гас и го реализиравме клучниот предуслов за почеток на гасификацијата“, потенцира премиерот.

Јавниот повик за изнаоѓање приватен партнер ќе биде објавен во следните неколку дена, а ќе трае до 25 мај годинава. Договорот ќе се однесува на период од 20 години по што, системот за природен гас ќе се пренесе во сопственост на државата.

Со гасификацијата, освен општините во Скопје, опфатени ќе бидат уште седум од околината, Сопиште, Зелениково, Студеничани, Петровец, Илинден, Чучер Сандево и Арачиново.

Во следните неколку месеци ќе бидат донесени фазибилити студиите и за останатите општини во Македонија и ќе почне процедурата за изнаоѓање концесионери. Целиот процес треба да заврши за два до три месеци.

Со приклучениот конзум на дистрибутивните системи во скопскиот регион, како што подвлече премиерот, годишно ќе се супституира електрична енергија еднаква на годишното производство на ТЕ „Осломеј“, ќе се супституира околу 25.000 тони екстра лесно масло за горење и ќе се супституира околу 320.000 метри кубни дрва, што значи големо влијание во намалување на загадувањето и големо позитивно влијание во екологијата и заштитата на природната средина.

„По периодот од пет години кога се очекува да биде изграден најголемиот дел од мрежата, се очекува продолжување на градбата со помал интензитет, оперирање и развој. Предвидена е изградба на околу 250 километри примарна дистрибутивна мрежа, при што во првите пет години од потпишувањето на договорот ќе биде задолжително да се изгради најмалку 70 отсто, односно 175 километри од целата предвидена дистрибутивна мрежа, и тоа со обврска да биде изградена најмалку по 51 отсто од предвидената мрежа во општините Аеродром, Центар, Кисела Вода, Карпош, Ѓорче Петров, Гази Баба, Чаир и Бутел и најмалку по 20 проценти во секоја од останатите помали општини од скопскиот регион поединечно“, објасни Груевски.

Останатиот дел до задолжителните 70 отсто ќе ги определи приватниот партнер во зависност од динамиката на приклучување на територијата на 17-те општини и од интересот за приклучување, во консултација со државата.

Во општините со повеќе населени места обврска на приватниот партнер е да изгради дистрибутивен систем во населеното место со најголем број станбени единици. За секое друго населено место од општината, освен она најголемото согласно бројот на станбени единици, каде интерес за приклучување ќе искажат 20-25 отсто од граѓаните, приватниот партнер ќе треба да овозможи реализација на дистрибутивен систем на природен гас.

На повикот ќе се бара приватен партнер кој има искуство во оперирање со дистрибутивни системи за природен гас во урбани средини подолго од 5 години, системите за дистрибуција на природен гас со кој оперира треба да имаат повеќе од 40.000 корисници и да има вкупен годишен приход не помал од 40 милиони евра на годишно ниво. Исто така, приватниот партнер ќе биде задолжен да овозможи секој заинтересиран корисник да плати приклучна такса од 1,25 евра по метар квадратен станбен простор или 100 евра за станбена единица од 80 метри квадратни. За куќа од 240 метри квадратни приклучната такса би изнесувала околу 300 евра. Приклучната такса за комерцијалните објекти ќе биде исто 1,25 евра по метар квадратен корисна површина.

„Предвидено е приватниот партнер да вложи средства и во опрема со цел да се обезбеди намалување на потребните инвестиции на корисниците за приклучување на нивните објекти кон дистрибутивните системи за гас. Анализите покажуваат дека инвестирањето од страна на корисниците треба да биде на ниво кое ќе обезбеди, инвестираните средства на од нивна страна, од страна на корисниците за приклучување кон дистрибутивните системи да се вратат преку годишните заштеди од приклучувањето на новиот систем за околу три години кај индивидуалните станбени објекти, а за корисниците во колективните станбени објекти и во останатите објекти за околу две години“, нагласи премиерот.

Според анализите, заштедата на граѓаните кои за загревање користат парно, дрва, струја и екстра лесно гориво ќе бидат драстично намалени. Доколку објект што се грее на парно биде приклучен на природен гас годишно ќе заштеди 24 отсто, ако е за домување, или 30 проценти ако е комерцијален.

„Стан од 80 метри квадратни, ако користи природен гас за една грејна сезона има намалување на трошоците од 24 отсто доколку користи парно, 7 проценти доколку користи дрво, 54 отсто доколку користи екстра лесно гориво, 51 отсто доколку користи течен компримиран гас и 35 проценти доколку користи електрична енергија за затоплување. Слични вакви податоци и параметри важат и за помалите комерцијални објекти со моќност од 10 киловати“, посочи Груевски.

Објектите кои се греат на електрична енергија, со приклучување кон дистрибутивниот систем за гас, годишните трошоци за енергија ќе им се намалат за 35% ако се објекти за домување или за 44 отсто ако се останати објекти. Доколку кон дистрибутивниот систем за природен гас се приклучат објекти кои се греат со локални извори на топлина, а како гориво користат екстра лесно масло за горење (ЕЛМГ), за нив намалувањето на годишните трошоци ќе биде 54 отсто за објекти за домување и 16 проценти за останати објекти. Доколку кон дистрибутивниот систем за природен гас се приклучат објекти кои се греат со локални извори на топлина, а како гориво користат течен нафтен гас (ТНГ) намалувањето на годишните трошоци за нив ќе биде 51 отсто за објекти за домување и девет проценти за останати објекти. Доколку кон дистрибутивниот систем за природен гас се приклучат објекти кои се греат со локални извори на топлина, а како гориво користат дрва, намалувањето на годишните трошоци ќе биде седум отсто за објектите за домување.

Објектите кои се различни од објектите за домување, а кои во моментот ги задоволуваат потребите од топлинска енергија со дрва, кои се малку на број, ќе имаат зголемување на трошоците доколку се приклучат кон дистрибутивните системи за природен гас.

„Преку дистрибутивните системи за природен гас ќе се задоволуваат потребите од топлина за греење, санитарна топла вода и готвење. Покрај ова, економската анализа на проектот покажа и други исклучително позитивни резултати. Значително ќе се влијае на намалување на загадувањето, на намалување на оперативните трошоци за задоволување на потребите од енергија и ќе се постигне зголемена енергетска ефикасност“, рече премиерот.

Според него, до реализација на преносната гасна мрежа на ниво на државата, предвидена е можност дистрибутивните системи во останатите два региона, источниот и западниот, да се снабдуваат со компримиран природен гас транспортиран со камиони или воз. Вакви системи на снабдување со природен гас се применуваат и во други држави, кога во одредени региони нема доволна потрошувачка на природен гас за да се изгради гасовод или за снабдување на региони до моментот кога тие ќе се приклучат на снабдување преку цевка.

Претседателот на Владата уште еднаш нагласи дека ова е многу значаен момент за Република Македонија зашто почнува процес кој е резултат на големи повеќегодишни, децениски залагања. Тој изрази благодарност до сите поединци кои учествуваа во овој проект, вицепремиерите, министерот за транспорт, но и на секој член на владата и владите во Република Македонија.

„Нашата заедничка работа, на Владата и на градоначалниците и на сите останати институции, органи и субјекти ќе овозможи нови придобивки за нашите граѓани. Со многу работа, со залагање, со полно внимание и посветеност на овој проект очекувам многу позитивни работи за нашата земја и за нашите граѓани“, заклучи премиерот Никола Груевски.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП