2 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАВо САД одново почнува расправијата за банкрот

Во САД одново почнува расправијата за банкрот

sad1sad2

– Американските партии повторно ги почнуваат расправиите околу нивото на долгот, откако истекоа трите месеци од периодот кој беше договорен во октомври, за да се одложи опасноста од банкрот на САД, јави дописникот на МИА од Вашингтон.

Опозициската Републиканска партија најави дека нема да дозволи ново зголемување на нивото на долг без отстапки од страна на претседателот, притоа наведувајќи го нивното барање да се дозволи изградба на големиот нафтовод Кистон од Канада до САД, како еден од условите упатени до претседателот Барак Обама.

– Би било неодговорно од наша страна да се согласиме да се зголеми нивото на долг без да го поврземе со наши амандмани. Некои од најзначајните закони донесени во изминатите 50 години биле изгласани откако биле поврзани со лимитот на долгот. Неодговорно е претседателот да бара да дозволиме да продолжи задолжувањето без никакви услови, кога долгот веќе е голем колку што е износот на целата наша економија, изјави Мич Мекконел, претседател на групата на републиканците во Сенатот.

Во октомври, демократите и републиканците се договорија да го продолжат задолжувањето на САД и тоа не го поврзаа со одредена сума, туку му дозволија на Министерството за финансии слободно да се задолжува до првата недела на февруари. Во овој кус период, надворешниот долг на САД скокна од 16,74 билиони долари, на сегашните 17,26 билиони, што приближно е еднакво на американскиот годишен бруто домашен производ.

Претседателот Обама смета дека републиканците не смеат да поставуваат никакви барања за зголемување на лимитот на долгот и дека треба безусловно да дозволат да продолжи задолжувањето на државата. Но, Републиканската партија има мнозинство во Претставничкиот дом, кој мора да го одобри зголемувањето на долгот.

Во октомври, САД дојдоа на еден ден од рокот кога Министерството за финансии ќе почнеше да одбива да сервисира дел од своите секојдневни финансиски обврски, што ќе се случеше првпат во американската историја.

Сенаторот Мекконел, прашан какви услови може да се очекуваат овојпат за зголемување на долгот, не го спомна републиканското барање за укинување на контроверзната здравствена реформа „Обамакер“. Мекконел како конкретен услов го наведе издавањето на дозвола за да се изгради нафтоводот Кистон, кој би требало да пренесува сурова нафта од нафтените полиња во канадската провинција Алберта и од полето Бакен во САД, до големите рафинерии во Тексас.

Нафтоводот, долг 3.500 километри, би го обезбедил снабдувањето на САД со нафта, но администрацијата на Обама со години одбива да даде дозвола да почне изградбата на последната делница од нафтоводот, под притисок на здруженијата за заштита на животната средина.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП