28 март, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈААмандманска расправа за предложените измени на медиумските закони

Амандманска расправа за предложените измени на медиумските закони

zakon mediumizakonmak

– Собраниската Комисија за транспорт, врски и екологија на денешната седница ја заврши расправата за поднесените амандмани на Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, по скратена постапка.

Не беа прифатени три амандмани, поднесени од пратениците од опозициската СДСМ, а согласнот доби амандман од техничка природа предложен од пратеници од ВМРО-ДПМНЕ.

Расправа предизвика амандманот со кој СДСМ побара бришење на член 1 од Законот со што би се отстранила реченицата поттикнување слобода на изразување. Според СДСМ, таквата формулација е апсурдна и лицемерна кон новинарите. – Тоа е апсурдно затоа што Владата зад себе има новинар во притвор, судски процеси против новинари, затворени телевизии…. Дали оваа реченица ќе ги реши проблемите со слободата на изразување, рече Јани Макрадули од СДСМ.

Министерот за информатичко општество и администрација Иво Ивановски не го прифати амандманот оценувајќи дека е поднесен со цел да се дискредитира се што е направено досега во разговорите со новинарската фела. Потсети дека во разговорите со новинарските здруженија е договорено по изгласувањето на Законот за медиумите да се поднесат амандмани со сите одредби за кои е постигнат договор.

– Ништо од она што е денес пред пратениците не е надвор од договореното. Во тие долги дискусии што ги имавме беше договорено во членот 1 да се потенцира стимулирањето на слободата на изразување, рече Ивановски.

Во реплика на неговите тврдења Благоја Стојановски од СДСМ оцени дека е „врвно лицемерие“ што по шест месеци преговори откако законот е во собраниска процедура во неговите цели се додава промовирањето на слободата на изразување. – Ова се мртви зборови на хартија. За слобода на изразување е потребна политичка волја, а вашата декларативност не може да го поттикне тоа, наведе Стојановски.

Министерот Ивановски не ги прифати ниту амандманите од СДСМ за бришење на формулацијата за поттикнување на слободата на изразување од начелата на Агенцијата за медиуми и за барањето еден од овластените предлагачи на членовите на Агенцијата да биде Самостојниот синдикат на новинарите и медиумски работници (ССНМ).

Според Ивановски, ССНМ не може да предложат член во Агенцијата за медиуми затоа што, како што рече, се уште не е репрезентативен синдикат, односно не претставува ниту 20 проценти од фелата.

– За да не дојде до недоразбирање каде што утре, друг ден, во кратка иднина можеби ќе има други синдикати, мораме да бидеме принципиелни во сите закони кога предлага синдикат мора да биде репрезентативен и прифатен од општеството. Во овој случај овој Синдикат нема ниту 20 проценти од фелата што ја застапува, рече Ивановски.

Комисијата за транспорт почна расправа и за Предлог-законот за изменување и дополнување на законот за медиуми, по скратена постапка, во второ читање. Поднесени се амандани од СДСМ со кои се бара бришење на дефиницијата за новинарите од законот затоа што била непотребна и ограничувачка, како и да не се врши административен надзор над исполнување на обврските на медиумите. За тие амандмани расправата ќе продолжи попладне по завршување на паузата на пратениците.

Претходно Комисијата го поддржа Предлог законот за дополнување на Законот за деловните згради и деловните простории на Република Македонија, за кој не беа поднесени амандмани. Се додава нов член 1-а со кој под поимот деловни згради се сметаат и спортските објекти во сопственост на Република Македонија, односно продажбата и давањето под закуп на такви објекти ќе се врши согласно Законот за продажба и давање под закуп на деловните згради и деловните простории на Република Македонија. Предложеното решение ќе се применува до 31 мај годинава од кога ќе почне со примена Законот за изменување и дополнување на Законот за спортот.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП