2 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАСобранието ги поддржа измените на Законот за градење во прво читање

Собранието ги поддржа измените на Законот за градење во прво читање

sobranie56

Собранието на Република Македонија во рамките на денешното продолжение на 82-та седница го разгледа Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за градење во прво читање и со 49 гласа „за“ и 12 „против“ заклучи дека е прифатлив и оти може да се даде на натамошно читање.

Претходно заменик министерот за транспорт и врски Џељаљ Бајрами истакна дека се предвидуваат две темелни измени на Законот за градење.

Првата е усогласување со измените направени во Законот за стечај, а втората за надворешниот изглед на фасадите на објектите во централните делови на градовите може да донесе одлука советот на општината, како и Советот на Град Скопје и советите на општините во Скопје.

„Доколку оваа инцијатива е преземена од страна на општините во Скопје трошоците за фасадите ќе ги сноси самата општина“, наведе Бајрами.

Пратеникот Јани Макрадули од СДСМ забележа дека вакво законско решение не постои во нормалниот свет.

„Може да се случи некој без да ве праша да одлучи како ќе изгледа вашата фасада. Се носи закон со кој наводно заради интерсот на Градот Скопје со одлука на Совет може да се сменат постојните фасади на улица „Македонија“ и да се изградат барокни фасади“, рече Макрадули.

Тој посочи дека минлив Совет со мандат од само четири години може да ја промени фасадата на објект што, како што кажа, можеби постои многу одамна. Најави дека ќе го обжали законското решение доколку биде донесено.

Во реплика замник министерот за транспорт и врски рече дека наместо да зборува за содржината на законот, пратеникот Макрадули искажа политички тези. Со измените, како што прецизира, само може да се менува изгледот на зградите, но не и нивната намена и додаде дека средствта за таа намена претходно тие треба да бидат предвидени во годишната програма на советот.

Благоја Стојановски од СДСМ предложеното законско решение го оцени како „најбезобразно и најгрубо кршење на Уставот“.

„Со оваа измена длабоко се навлегува во правото на приватност и на сопственост и не се бара ни одлука и согласност од советот на станарите за да се измени фасадата. Така доказ за право на градење покрај имотниот лист ќе биде и одлуката на советот на општината“, рече Стојановски.

Покрај тоа, нагласи, не може точно да се дефинира што е тоа централно градско подрачје и општ интерес.

Пратеничката Лилјана Затуроска од ВМРО-ДПМНЕ во реплика оцени дека централно подрачје за секој град претставува дел кој треба да биде репрезентативен и е од значење за сите граѓани. Тоа, како што рече таа, лесно може да се дефинира.

За Газменд Алији од ДПА предложеното законско решение е неуставно и не треба да се гласа. Законските измени ги оцени и како антиалбански.

Панче Орцев од СДСМ во своето излагање посочи дека ова законско решение е кулминација и е полно со негативности.

„Секој совет во секоја општина во земјава ќе може да донесе одлука со која ќе може да го дефинира изгледот на фасадата на било кој објект без разлика дали е државен или приватен и дали сопственикот се согласува или не“, појасни Орцев.

Законот, нагласи, се носи за да можат да се направат барокни фасади на објектите на МЕПСО, ЕЛЕМ и ЕВН, како и на Градскиот трговски центар во Скопје.

Собранието без пријавени за збор ја заврши и општата расправа за Предлог законот за користење на податоците од јавниот сектор во прво читање.

На барање на пртеникот Беким Фазлиу од ДПА, претседателот на Собранието Трајко Вељаноски даде пауза од еден час по што ќе продолжи седницата, а редовната пауза наместо во 15 ја помести за 16 часот.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП