Редовната физичка активност одамна се поврзува со подобро физичко здравје, но најновите научни истражувања покажуваат дека придобивките се чувствуваат и во мозокот.
Според истражување објавено во научното списание „Nature Neuroscience“, дури и едноставните движења на телото можат позитивно да влијаат врз мозочната функција. Научниците откриле дека при секое движење, па дури и при затегнување на стомачните мускули, се создаваат мали промени во притисокот кои предизвикуваат нежно придвижување на мозокот.
Неврологот Давид Перлматер објаснува дека овие движења можат да помогнат во подобрување на циркулацијата на цереброспиналната течност која ги опкружува мозокот и ’рбетниот мозок.
„Се чини дека движењето му помага на мозокот поефикасно да ги отстранува отпадните материи. Доколку тие се наталожат, можат да придонесат за развој на невродегенеративни заболувања“, посочува Перлматер.
Освен тоа, физичката активност ја стимулира продукцијата на важни невротрансмитери како серотонин, допамин и норепинефрин. Тие играат клучна улога во одржувањето на концентрацијата, вниманието и доброто расположение.
Експертите нагласуваат дека редовното движење може да помогне и во намалување на стресот, подобрување на когнитивните способности и зачувување на менталното здравје.
Заклучокот од истражувањето е охрабрувачки, не се потребни напорни тренинзи за да се почувствуваат позитивните ефекти. Дури и умерената и редовна физичка активност може значително да придонесе за подобро функционирање на мозокот и поквалитетен живот.



