ПочетнаЗДРАВЈЕНаучниците истражуваа популарен метод за слабеење, резултатите ќе разочараат многумина

Научниците истражуваа популарен метод за слабеење, резултатите ќе разочараат многумина

Повремениот пост, популарен метод за слабеење што го промовираат бројни познати личности, е помалку ефикасен кај дебели лица и лица со прекумерна тежина отколку што се сметаше досега, покажува нова обемна студија. Иако многумина се потпираат на овој начин на исхрана, научниците предупредуваат дека постигнатите резултати немаат клиничко значење.

Оваа стратегија обично подразбира јадење во строго одреден временски период, на пример помеѓу 11 и 19 часот, или примена на модел во кој се јаде вообичаено пет дена во неделата, а внесот на калории значително се ограничува во преостанатите два дена. Меѓу поддржувачите на повремениот пост се и ѕвезди како Џенифер Анистон, Тери Крус и Кортни Кардашијан.

Што покажа големата анализа?

Научници од британскиот институт Кокрејн анализирале 22 студии во кои биле опфатени околу 2.000 возрасни лица со прекумерна тежина или дебелина. Целта била да се утврди дали краткорочниот повремен пост помага во слабеењето во споредба со стандардните совети за исхрана или со отсуство на какви било препораки.

Истражувањето покажало дека лицата кои практикувале повремен пост изгубиле во просек околу 3 проценти од својата телесна тежина во период од 12 месеци. Тоа е под прагот од 5 проценти што лекарите го сметаат за клинички значајно намалување на тежината. Дополнително, се посочува дека лицата кои практикуваат повремен пост не мора нужно да го намалат вкупниот внес на калории, што може да биде една од главните причини за скромните резултати.

Експертите повикуваат на претпазливост

Луис Гарењани од Универзитетската болница „Италијано“ во Буенос Аирес, кој ја предводел студијата, изјави дека ентузијазмот околу постењето и неговото влијание врз слабеењето и здравјето е „загрижувачки“.

„Повремениот пост може да биде разумна опција за некои луѓе, но сегашните докази не го оправдуваат ентузијазмот што го гледаме на социјалните медиуми“, изјави тој за Би-Би-Си.

Вишата авторка на студијата, Ева Мадрид, додаде дека пристапот кон слабеењето треба да биде индивидуален.

„Лекарите треба да му пристапат на секој случај поединечно кога советуваат возрасен со прекумерна тежина како да ја намали телесната маса“, рече таа.

Истражувачите наведуваат дека се „умерено уверени“ во своите наоди, но нагласуваат дека се потребни дополнителни истражувања за подобро разбирање на различните форми на повремен пост и нивното влијание врз мажите и жените, како и врз лица со различен индекс на телесна маса и од различни етнички групи.

Нема магично решение за слабеење

Сумирајќи ги резултатите, д-р Батист Леран, вонреден професор по медицинска статистика на Универзитетскиот колеџ во Лондон, оцени дека студијата дава „јасна индикација дека повремениот пост носи ограничена корист“.

„Ова е уште еден пример за јазот меѓу јавната перцепција и научните докази“, додаде тој.

Иако застапниците на повремениот пост често тврдат дека тој има низа здравствени придобивки, вклучително и специфични ефекти врз метаболизмот, професорот Кит Фрејн од Универзитетот во Оксфорд смета дека ваквите тврдења немаат цврста научна основа.

„Оваа студија покажува дека таквите тврдења имаат ограничена поткрепа. Не постојат брзи решенија за губење на тежината, освен намалување на внесот на калории“, истакна тој.

ТРЕНДИНГ

ХОРОСКОП