Тешко се наоѓа работна сила – ни скапа, ни евтина. Доказ за тоа се големиот број огласи преку кои се бараат келнери, шанкери, хигиеничари, готвачи, салатери, продавачи…
Иако до пред некоја година Македонија важеше за дестинација со евтина и вредна работна сила, а токму таа формула привлекуваше бројни фабрики и погони, сепак, во денешно време повеќе од очигледно е дека токму таквата стратегија е застарена и недоволна за долгорочен економски напредок.
Економистите во разговор за Денар.мк објаснуваат дека евтината работна сила не создава иновации, ниту гради некакво знаење, туку само ги задоволува основните потреби на газдите кои сакаат ниски трошоци и голема заработка.
Но, како што додаваат, тоа време е веќе поминато.
„Помина времето кога газдите сакаа само да бројат пари, а друго ништо не ги интересираше. Сега многу тешко наоѓаат вработени, а уште потешко наоѓаат евтина работна сила. Дури и оние кои се подготвени да работат сакаат да работат квалитетно и да бидат добро платени“, објаснува економскиот аналитичар Ведран Кузмановски.
Тој посочува дека еден од клучните проблеми е што фокусот на ниската цена на трудот ги обесхрабрува компаниите да инвестираат во обука и во унапредување на кадарот.
„Работникот станува заменлив ресурс, а не партнер. Иронијата е што, токму тоа води до ниска продуктивност – најголемиот економски хендикеп на земјите во развој“, додава Кузмановски.
Во разговор за нашиот медиум, претприемачот Борислав, кој управува со ИТ-компанија во Скопје, објаснува:
„Нè е финтата да имате вработени со најниски плати, бидејќи дури и тогаш ќе има некој што е поевтин од вас. Погледнете ја ситуацијата со работната сила во Бангладеш, Непал, Виетнам, дури и делови од Африка. Но, тоа не е одржлива стратегија. Сега ни се потребни креативни луѓе, со стекнати вештини и со идеи. А такви работици нема да најдеш за 500 евра, а сега нема да најдеш ни за 1.000 евра“, објаснува Борислав.
Од друга страна, пак, младите масовно ја напуштаат Македонија затоа што понудената плата овде не може да ги мотивира за професионален развој. За среќа, странските инвестититори почнуваат да ја менуваат лентата и да работат на поинаков начин.
„Голем дел од инвестициите во Централна и во Источна Европа веќе не бараат работници со ниски плати, туку поважно им е да воспостават стабилна девловна клима, квалитетна инфраструктура и технолошка подготвеност“, ни изјави Кузмановски.
Б.З.М.