7 јули, 2025
ПочетнаЕКОНОМИЈАФинансиска подготовка за летен одмор – како да уживате, а да не...

Финансиска подготовка за летен одмор – како да уживате, а да не се вратите со долгови

Како што доаѓаат топлите денови, така се зголемува и потребата за бегство од секојдневната рутина. Одмор на море, викенд во планина или неколку дена во некое европско гратче – идеите се многу, но буџетот е најчесто ограничен. Она што треба прво да се праша е не „каде ќе одиме“, туку „колку можеме да си дозволиме“.

Сè почесто, одморот се финансира на кредит – преку кредитна картичка, потрошувачки кредит или пак со трошење на последните резерви. За жал, одморот што треба да носи одмор, често завршува со финансиско оптоварување и анксиозност што трае далеку подолго од десетте дена на плажа.

Подготовката за одмор, барем кога се мисли сериозно, треба да почне неколку месеци однапред. Ако една четвртина од годината се одвојуваат дури и мали суми, тие можат да се претворат во пристоен буџет за патување. Најголемата грешка што многумина ја прават е што планираат во последен момент – кога цените се веќе зголемени, добрите понуди распродадени, а нервозата веќе го диктира изборот.

Многумина, пак, прават уште една класична грешка – се одлучуваат за дестинации или хотели „на слика“, без да го земат предвид реалниот капацитет на својот џеб. Се оди на одмор како да се оди на натпревар – кој ќе покаже подобра фотографија, поголема тераса, поскап ресторан. А потоа следува тивка борба со банкарски сметки, рати и доцнење со други месечни обврски.

Добро е да се знае дека одморот не мора да биде скап за да биде добар. Финансиски одговорниот пристап не е знак на сиромаштија, туку на зрелост. Да се знае однапред колку може да се потроши, што е планирано и што не, значи дека одморот ќе биде безгрижен, а не исполнет со стрес при секоја сметка во ресторан.

Особено важно е да не се заборават скриените трошоци, како гориво, патари, храна, лежалки, сувенири, па дури и патничко осигурување или евентуални трошоци ако нешто тргне наопаку. Патувањата се убави, но секое непланирано сценарио – чини пари.

Она што често се занемарува е и прашањето: „Што потоа?“ По одморот следи месец со нови сметки, нови обврски, а платата е далеку. Одмор кој значи дека после него нема да има пари за основни работи – не е одмор. Тоа е само бегство со цена.

Затоа, ако летото е веќе на прагот, а буџетот не е подготвен – можеби е подобро да се избере поскромна верзија, неколку дена во Охрид, викенд кај роднини, или пак одмор подоцна во септември кога цените се пониски, а времето сè уште топло.

На крајот на денот, одморот е тука за да ве наполни со енергија, не со стрес. А најдобриот спомен е оној што не мора да се отплаќа до декември.

Б.С.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП

NEWSLETTER

Добивајте вести на e-mail

Бидете во тек со најновите вести од Денар