7 јули, 2025
ПочетнаЕКОНОМИЈАДенес почнува амандманската расправа за ребалансот на буџетот!

Денес почнува амандманската расправа за ребалансот на буџетот!

Од денеска па во следните пет дена пратениците во собранието ќе дебатираат за предложените 200 амандмани за рабалансот на буџетот. Опозициската СДСМ има поднесено најмногу амандмани односно 160. Според информациите најголем дел од амандманите се од областа на подземната инфраструктура како и реконструкција и изградба на локални патишта. Најчесто предлозите на опозицијата низ годиниве не поминувале кај парламентарното мнозинство, пред се поради политички инает, но има и мал број на амандмани за кои зелено светло дава власта.

Првиот и најважен амандман според опозицијата е да се обезбедат средства за поддршка на семејствата кои загубија или имаат повреден член од семејството во ужасната трагедија во Кочани. СДСМ бара да се распределат речиси 100 милиони денари со овој ребаланс и во најбрз времен рок да се префрлат на семејствата. Дополнително, има и амандман со кој се предлага да се обезбедат 60 милиони денари за реновирање на болницата во Кочани и 20 милиони за нова медицинска опрема како магнетни резонанци, дефибрилатори, вентилатори, боци со кислород и инсулин.

Потоа, опозицијата излезе со предлог за 10% да има зголемување на платите на наставниците во основното и средното образование, бесплатен превоз за ученици од рурални средини, зголемени стипендии и поддршка за студенти од социјално ранливи семејства. СДСМ предлага и повеќе пари во инфраструктура: за нови училишта, патишта, канализации, здравствени установи, градинки, домови за стари лица.

„Со овој ребаланс нема пари за повредените и семејствата на настраданите во Кочани, нема пари за повисоки плати, нема нови мерки за заштита на стандардот. Владата крати од граѓаните, за да си го зголеми луксузот. Ова се реални и одговорни предлози. За нив има пари – ако се скрати расипничкото трошење на Владата. Наместо папаја, манго и приватни авиони за функционерите, време е парите да одат кај народот“, велат од СДСМ.

Од ВМРО ДПМНЕ се на став дека опозицијата сега не треба да глуми многу загрижена за граѓаните и за нивниот квалитет на живот.

Според власта, СДСМ имал можност во претходните седум години да направи нешто добро за оваа држава, но тоа не се ни обидел да го стори. Затоа власта е децидна дека таа ќе работи на обезбедување на подобри услови за живот на сите граѓани во Македонија.

„Овие измени на буџетот се темелат на непроменети макроекономски претпоставки и приспособување на фискалните проекции, кои на расходната страна овозможуваат комплетно финансирање и реализација на стратешките приоритети и програмски определби, без да се промени нивото на буџетскиот дефицит. Со ревидираните фискални проекции се врши усогласување на трошоците со досегашната реализација и очекувањата, односно се обезбедуваат средства за исплата на плати, пензии, програмски и проектни активности, истовремено искористувајќи ги средствата од претходните години на посебните сметки“, велат од ВМРО ДПМНЕ.

Според достапните информации вкупните приходи во ребалансот се проектирани на ниво од 362,4 милијарди денари, а расходите на износ од 403,7 милијарди денари. Проекцијата за БДП останува 3,7 проценти, а инфлацијата е проектирана на ниво од 2,8 проценти.

Буџетскиот дефицит останува непроменет и во апсолутен износ и како процент од БДП, односно 41,3 милијарди денари или 4 проценти од БДП. Капиталните расходи, пак, на износ од 47,5 милијарди денари. Државниот долг на крајот на 2025 година според проекциите на Владата ќе изнесува 53,3 проценти од БДП, а јавниот долг се очекува да биде на нивото од 62,1 процент.

И.П

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП

NEWSLETTER

Добивајте вести на e-mail

Бидете во тек со најновите вести од Денар