Летото удира со сиот свој шарм – сонце, жештини над 35 Целзиусови, ладно пиво… и бактериите си тријат раце. Всушност, нивните невидливи раце работат со полна пареа, особено кога во близина ќе намирисаат нешто месно, млечно или јајчесто што нетрпеливо чека на масата или во багажникот на автомобилот.
Штом живата во термометарот скокнува нагоре, така расте и шансата твојот стомак да заплаче.
Летото е фестивал за салмонела, ешерихија коли и за други „гости“ кои за миг можат да ти ја разорат мирната попладневна дремка.
Доволни се само неколку часа запоставена храна на собна температура и – voilà, добиваш гастрономско бинго со утеха во форма на веце школка.
„Имаме бум на пациенти со стомачни тегоби во последниве недели. Најчести се повраќање, дијареа, температура и грчеви“, раскажува медицинска сестра на Инфективната во Скопје. „А најлошо е кај малите деца и постарите – нивното тело потешко се носи со вакви шокови“.
Идеалната сцена за бактериите? Роденден на отворено или пикник со шведска маса полна салати и колачи со мајонез, кои мирно чекаат некој да се сети на нив…
Но, не е само до нас, потрошувачите. Од Државниот санитарен инспекторат велат дека се засилиле контролите по маркетите, бидејќи неретко се фаќаат фрижидери што работат колку да не бидат исклучени од струја.
„Знаете колку пати сме затекнале расипани ладилници? А секој таков пропуст е потенцијален ризик за здравјето на луѓето“, предупредува инспектор од ДСИ. „Затоа, гледајте ги декларациите, мирисајте ја храната без срам и не купувајте таму каде што ви се чини дека нешто не штима“.
Граѓаните, пак, имаат свои маки. Мирјана од Битола (34) се пожали дека дури и кога ќе купи свежо бело месо и ќе го складира како што треба, по два дена од фрижидерот доаѓа мирис што не се заборава.
Лекот против непријатни изненадувања? Лекарите советуваат храната да се чува под 5 степени, да не се остава повеќе од два часа надвор од ладно место и остатоците веднаш да се спакуваат во фрижидер.
Повторно замрзнување? Големо „не“, особено за месо и за риба. Освен ако сакате да играте „руски рулет“ со желудникот.
Б.З.М.