Кога календарот покажува дека сме блиску до крајот на месецот, а трансакцијата од работодавачот сè уште ја нема, стресот може лесно да го надвладее разумот.
Доцнењето на платата, за жал, не е непозната појава за многу вработени во приватниот сектор во Македонија, особено во мали и средни компании. Во вакви моменти, освен финансиската гимнастика, потребна е и силна психолошка издржливост.
План Б наместо паника
Првото правило е: не паѓајте во паника. Како што вели Билјана П., сметководителка со 15 години искуство:
„Најлошо е кога луѓето реагираат емоционално. Кога знаеш дека платата доцни, планирај – пресметај ги трошоците кои не можат да се одложат, како кирија, сметки и храна“.
Во ситуации кога приходот доцни, клучна е проценката што навистина е приоритет.
Привременото откажување од одредени удобности, како вечери надвор, посети на шопинг-центри или онлајн нарачки, може значително да помогне.
Микро-буџетирање и импровизација
Правилото „ден по ден“ може да биде спас. Поделете ја преостанатата сума што ја имате по денови и бидете креативни со начинот на кој ќе ја потрошите.
Ивана Стојановска, продавачка од Скопје, вели:
„Јас кога знам дека ќе доцни платата, веднаш правам неделно мени – знам што ќе јадам и со колку пари располагам. Ако имам 600 денари, не купувам месо за 300. Правам чорба за два дена“.
Искористете ги резервите. Замрзнувачот, таванот и плакарите се често мини-трезори во кои има заборавени пакувања со храна, средства за хигиена или дури и пари „за црни денови“.
Психолошки трикови за стабилност
Кога парите се проблем, умот лесно оди во негативни сценарија.
Но според психологот Сања Љубеновиќ, важно е да не дозволиме доцнењето на платата да влијае на нашата самодоверба.
„Не сте вие криви што некој не исплатил на време. Наместо да се обвинувате, фокусирајте се на тоа што е под ваша контрола – вашето однесување, вашата креативност и вашата способност да издржите“.
Препорачува кратки медитации, пешачење, разговори со блиски, па дури и пишување дневник, како начин да се одржи емоционалната стабилност.
Дополнителен приход
Во дигиталната ера, постојат и брзи начини за ситна заработка: продажба на предмети што не ги користите, фриленс проекти, помош на сосед или познаник за симболичен надомест. Секој денар важи кога касата е празна.
Секое доцнење на плата е непријатно, но може да послужи како аларм за лична финансиска зрелост. Ако не постои итен фонд – време е да се направи.
Ако сите пари редовно се трошат уште пред да стигнат – време е за рестарт на навиките.
Во суштина, преживувањето на месец без плата бара комбинација од рационално планирање, психолошка издржливост и малку креативност. Или, како што вели еден млад таксист од Скопје: „Не е лесно, ама кога ќе го истуркаш месецот без да се задолжиш – тоа е како мала победа“.
Б.З.М.